Жена од Гостивар на 34-годишна возраст ги тепала, ги малтретирала, ги врзувала со самолеплива лента за мебел, и воопшто не се грижела за своите две деца на возраст од 4 и 6 години, се тврди во обвинението што го покрена Основното јавно обвинителство Скопје.
„По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против жителка на Гостивар со престојувалиште во Скопје за две кривични дела – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 и две кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април годинава, 34-годишната обвинета како родител, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, ги запуштила и ги малтретирала своите две деца – едното родено 2017, другото 2019 година.
На децата им ги врзувала рацете, колената и стапалата со самолеплива лента и ги оставала да седат во таква состојба на стол или на нивните креветчиња додека била во станот. Со помалото дете комуницирала манифестирајќи вербална и физичка агресивност и не покажувала грижа за подобрување на неговата состојба, иако вештачењата извршени по наредба на јавниот обвинител утврдија дека станува збор за социјално и емоционално запуштено дете со психомоторна и психосоцијална зрелост под неговата реална возраст.
На 7 мај, при вршење семејно насилство, обвинетата телесно ги повредила своите деца. Додека остварувала видео повик на социјална мрежа со нејзиниот вонбрачен пратнер, видно вознемирена, започнала без никаков повод и причина да ги удира децата по нивните тела, со што им нанела телесни повреди – набиеници и подливи“ – се вели во соопштението на ОЈО Скопје.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог да се продолжи претходно определената мерка притвор за обвинетата.