Платениците на руската паравоена група „Вагнер“ веќе не учествуваат во поголеми размери во борбените операции во Украина, соопшти доцна синоќа Пентагон.
– Во овој момент не гледаме дека силите на „Вагнер“ учествуваат во големите борбени операции во Украина – изјави портпаролот на Пентагон Пет Рајдер.
Меѓутоа, две недели по неуспешниот бунт на оваа платеничка групата во Русија, американските власти веруваат дека повеќето од членовите на „Вагнер“ сè уште се во областите окупирани од Русија во Украина.
Паравоената група, која одигра клучна улога во руската инвазија врз Украина, кон крајот на јуни се обиде да го собори руското воено раководство со државен удар, така што тргна од Ростов на Дон кон Москва.
Водачот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин изјави дека бунтот немал за цел да ја собори владата, туку бил насочен кон Генералштабот на руската армија, кого го обвини за неспособност во конфликтот во Украина. Бунтот заврши вечерта на 24 јуни со договор што предвидуваше заминување на Пригожин во Белорусија.
Рускиот претседател Владимир Путин на борците на „Вагнер“ им понуди да се приклучат во редовните вооружени сили, да одат во Белорусија или да се вратат во цивилниот живот.
Руската војска неодамна објави дека со разоружувањето на „Вагнер“ добила повеќе од 2.000 парчиња воена опрема, 2.500 тони муниција и 20.000 лесно оружје.