Судската администрација во основните судови во Битола, Струга, Охрид, Штип, Свети Николе, Тетово, денеска излезе на едночасовен протест пред зградите на судовите во знак на незадоволство од третманот на извршната власт кон вработените во судската служба. Претставници на Независниот синдикат на судската администрација најавија генерален штрајк од 1 септември.
– Ќе блокираме улици и нема да може од наши средства да се полни буџетот! Нема да се вадат ни уверенија за неосудуваност, ни за трето дете, да видиме каде одат овие пари – изјави на протестот во Скопје Јасмина Величкова, претседателка на независниот синдикат на судските службеници.
Судската администрација е револтирана затоа што разликата во платите меѓу судските службеници и судиите никогаш досега не била поголема.
– Над 90 проценти од вработените во судската служба земаат плата под просечната во земјава. Земаат во распон меѓу минималната и просечната плата. Многу мал дел земаат просечна плата, на една рака можат да се избројат раководните службеници, кои земаат малку повеќе од просечната плата – изјави Верица Тасева од Здружението на судска администрација на протестот пред Основиот суд во Штип.
Инфлацијата и цените на производите влијаат врз животниот стандард на овие службеници. Затоа бараат итно зголемување на платата на вработените во судските служби за 30%, поради спецификата, сложеноста на работата.
– Бараме исплата на додатоци на плата во висина од најмалку 25 проценти и бараме исплата на разлика на додатоците на плата, затоа што имаше еден период кога се пресметуваа додатоците на плата, односно не се засметуваше минатиот труд – вели Тасева.
Судските службеници ќе продолжат со протестите по 15 август, затоа што тогаш завршува судската ферија, која почнува на 15 јули, а доколку не бидат прифатени нивните барања од 1 септември почнува генерален штрајк.