Министерот за надворешни работи Оливер Спасовски денеска пред медиумите рече дека во координација со Обвинителството се чекаат извештаи од инспекторатите за последиците од несобраниот смет во Скопје, по што најверојатно ќе следува кривична пријава за одговорните за, како што вели тој, оставање на главниот град да се дави во смет.
– Доставен е записникот од Инспекторатот за животна средина, комуналниот инспекторат и инспекторите од Градот Скопје, да ги видиме неговите наоди, а ако се утврдат елементи на кривично дело, за сите сторители кои допринесоа главниот град да се дави во смет, може да бидат поднесени кривични пријави во координација со Обвинителството согласно доказите – најави Спасовски.
Спасовски ја потврди и претходната информација на МВР дека веќе поднесена е една кривична пријава за насилство откако во неделата вечерта тргнаа со работа работниците на Комунална хигиена, а неколку од нив беа нападнати од едно лице-нивни колега. Тоа лице доби кривична пријава за насилство која е процесуирана до Јавното обвинителство.
– Ако имало недоследности во работењето и делење плати во претпријатието без доаѓање на работа, секој да сноси одговорност – порача министерот и додаде дека треба да се стави крај на политиканството на грбот на граѓаните.