На позната интернет платформа се продаваат маици со ликот на 13-годишниот Коста К., осомничен за масакрот извршен на 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград во кој беа убиени девет ученици и чуварот на училиштето.
Овие скандалозни маици ги вознемирија и згрозија граѓаните, пишува порталот Курир.рс
– Ги носат насмеани манекени, а чинат околу 20 евра. За малку инфаркт да ме погоди! Мислев дека некој прави непримерна шега. Тој болен и бизарен потег треба веднаш да се прекине, вели една корисничка на контроверзната веб-страница.
Читателката која се обратила до медиумите, истакнува дека неколку луѓе во знак на револт реагирале на интернет страницата за да ги повлечат маиците од продажба, но добиле само формален одговор.
– Продажбата на тие маици мора да се забрани! За се се виновни странските јутјубери, од Малезија, Индонезија… Објавуваат лажни видеа од момчето и тажни приказни за него, а не знаат ништо за случајот, само тоа што го собрале од интернет и на тој начин создаваат лажна слика. Да не беа тие, никој не би ги произведувал или продавал овие маици. Луѓето, странците, може и да ги купат, воопшто не знаејќи кој е тој на маицата и какво страшно злосторство направил – продолжува читателката и додава дека неколку луѓе во знак на протест реагирале и на интернет страницата и како што тврди, добиле формален одговор, но не е и потврда дали ќе ги повлечат скандалозните маички од продажба.
Инаку, сајтот на кој се продаваат маиците со ликот на момчето-убиец е регистриран во Мароко, а не во Србија. Во него се наведува дека овој скандалозен производ може да се испорача и до купувачите во Србија, а рокот за испорака е десет дена, пренесува Курир.
Ова не е прв пат момчето убиец да се велича на социјалните мрежи и да се „воодушевуваат“ неговиот крвав поход во кој уби девет ученици и чуварот од неговото училиште и повреди уште пет деца, меѓу кои и неговиот најдобар пријател.