Губам надеж дека сами ќе можеме да го поправиме судството. Единствена надеж гледам во отворање на Поглавјата 23 и 24 и вклучување на механизмите на Европската Унија во тој дел, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Прашан за ставот на американскиот Стејт департмент за политичко мешање во правосудството, Османи нагласи дека уште еднаш, прашањето на отворање на поглавја станува клучно, не само за општата перспектива на државата, туку и за внатрешните процеси.
– Пробавме сè, со најдобрите закони. Верувајте нема подобри закони и порадикални закони, како што се нашите во делот на правосудството. Мислам дека нема друга земја каде што има единствена точка на влез во судството и обвинителството, освен преку Академија. Дури и земји членки на ЕУ се вратија од таквата одлука, бидејќи е премногу радикално решение, но еве проблемите се тука – изјави Османи, одговарајќи на новинаркси прашања на денешната прес-конференција во МНР.
Единствено решение е ЕУ, нагласи Османи, посочувајќи дека политичарите кои зборуваат за борба против корупција, реформи и доверба во судството, а од друга страна го попречуваат отворањето на Поглавјето 23 и 24, е чиста демагогија, популизам и политиканство.
– Едно со друго не иде. Нема реформа на правосудство, нема враќање на доверба, нема борба против корупцијата без отворање на Поглавјата 23 и 24, истакна Османи.