Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција рече дека предложените уставни измени ќе бидат доставени до Собранието откако ќе се исцрпат сите можности овој процес да биде консензуален, како и дека во меѓувреме ќе работат со, како што вели, идеолошката линија во ВМРО-ДПМНЕ која ги сфаќа последиците од изолирање на земјата.
Според Османи, во ВМРО-ДПМНЕ има едно крило, една идеологија од пратеници кои се за уставните измени и со нив ќе се преговара.
Со оглед дека се исцрпуваат сите можности со ВМРО-ДПМНЕ, вели Османи, паралелно ќе се работи „со идеолошката линија во партијата која е за брзата патека за интеграција на државата, а не за патеката на држави со отворени прашања“.
– Убеден сум и веќе гледам сигнали во ВМРО-ДПМНЕ за една идеолошка поделба во однос на она што го зборувам, има луѓе во ВМРО-ДПМНЕ кои упорно аргументираат дека не смееме да ја пропуштиме шансата сега во Уставот да се направи таа јасна дистинкција дека Бугарите се овде малцинство. Комплетна идеолошка линија во ВМРО-ДПМНЕ кои ги сфаќаат последиците од изолирање на земјата и влегување во втората патека – рече Османи.