Групата Вагнер и натаму спроведува регрутирање во своите канцеларии низ Русија, и покрај последиците од вооружениот бунт што се случи во текот на викендот, јави Би-Би-Си.
Од агенцијата посочуваат дека користејќи руски телефонски број се јавиле во повеќе од десеттина центри за регрутирање и се распрашале за зачленување.
Сите центри, како што наведуваат од Би-Би-Си, одговориле дека процесот на регрутирање се одвива како и досега, а од неколку канцеларии дури нагласиле дека новите членови потпишуваат договори со платеничката група, а не со руското Министерство за одбрана.
– Работиме, да. Да се сменеше нешто, ќе ни кажеа. Но, нема ништо – јасно посочила регрутерка во Краснодар, на југот на Русија.
Еден човек од канцеларијата во Волгоград рекол дека во случај на апликација, платеникот може да биде распореден во област веќе следниот ден и додаде дека сега можна дестинација е и Белорусија.