„Нејшнл џиографик“ (National Geographic) ги отпушти своите последни вработени новинари и најави дека од следната година повеќе нема да се продава на киосците во САД, но ќе продолжи да објавува месечни изданија.
Откази добија 19 вработени новинари, а редакцијата отсега ќе биде составена од хонорарни уредници и соработници.
„Нејшнл џиографик“ најави дека сепак ќе остави неколку вработени новинари и објасни дека кратењето на трошоците го вовела матичната компанија Дизни.
– Промените во бројот на вработени нема да влијаат на квалитетот на нашата работа, но ќе ни овозможат поголема флексибилност да раскажуваме различни приказни и да се дружиме со нашата публика преку нашите многубројни платформи. Секоја инсинуација дека овие промени негативно ќе влијаат на списанието или на квалитетот на нашето известување едноставно се неточни – изјави портпаролот на „Нејшнл џиографик“.
„Нејшнл џиографик“ е во сопственост на Волт Дизни од 2019 година. Списанието за природата, што се публикува 135 години, во изминатите години имаше повеќекратно намалување на работните места.
Списанието е основано од „Нејшнл џиографик сосајети“ (National Geographic Society) во 1888 година, беше продадено на „Твенти-Фрст Сенчари Фокс“ (Twenty-First Century Fox) во 2015 година. Дизни (Disney) се здоби со мнозински удел, кога ја купи компанијата „Твенти-Фрст Сенчари Фокс“ под контрола на Руперт Мардок за 71 милијарда долари во 2019 година.
Колекционерското списание имаше 12 милиони претплатници во САД и неколку милиони повеќе ширум светот во 80-тите години од минатиот век. На крајот на 2022 година, имаше помалку од два милиона претплатници во САД.