Вкупно 5.960 фирми се отворни во 2021 година што е пораст од 15,9% во однос на 2020 година, покажуваат подаоците на Државниот завод за статистика. Тоа претставува 9,1% од вкупно активните претпријатија.
Најголемиот дел од новите фирми (76,4 %) припаѓаат на услужните дејности, во чии рамки најмногу се во трговијата на големо и мало и поправка на моторни возила и мотоцикли каде што се отворени 1.782 фирми. Во угостителската дејност се отворени 669 фирми, а во стручните, научните и техничките дејности се отворени 623 фирми. 12,5% од новосоздадените фирми се во индустријата, а во градежништвото се отворени 11,1 %.
Во новите фирми, според статистика, се вработени 11.991 лице, што претставува зголемување за 21,5 % во однос на претходната година. Без вработени биле 16,8 % од новосоздадените претпријатија, 77,6 % вработиле 1-4 лица, додека 3,6 % вработиле од 5 до 9 лица.
Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (85,4 %).
Засега не се знае колку од овие новоформирани фирми преживеале во текот на 2022 година која беше проблематична за голем број од фирмите поради високата цена на струјата и другите трошоци.
Податоците на статистика, меѓутоа, покажуваат дека годишно згаснуваат меѓу 5.000 и 6.000 фирми.
Така, според последните податоци, во пандемиската 2020 година згаснале 5.382 фирми. Од нив најмногу се во трговијата каде што вообичаено се отвораат и најмногу фирми.
Една година пред тоа (2019 година) згаснале 5 .544 и повторно најмногу во трговијата.