Компанијата „OceanGate“ што ја изгради потонатата подморница „Титан“, објавила оглас за вработување на нов пилот на подморница на местото на пилотот кој трагично го загуби животот во несреќата, уште додека траела потрагата.
Среде потресната тага што ја доживеаја семејствата на петте патници на подморницата Титан, OceanGate се соочува со критики откако извештаите сугерираат дека тие веќе го започнале процесот на ангажирање нов пилот.
Подморницата Титан исчезна на пат до потонатиот брод Титаник во неделата, потрагата траеше четири дена и на крај беше утврдено дека петте патници во подморницата ги загубиле животите во разорна експлозија. Сепак, многу корисници на социјалните мрежи беа огорчени од наводниот оглас за работа објавен од компанијата кој наводно бил објавен додека се уште траела потрагата по подморницата, а потоа брзо отстранет. Компанијата во огласот бара пилот/морски техничар да се приклучи на нивниот тим.
OceanGate објави оглас во кој бара пилот кој ќе придонесе „во работењето и управувањето со флота од подморници и бродови за поддршка со екипаж.
„Бараме посветен и компетентен поединец со комбинација на силни механички и интерперсонални вештини кој може да работи со чувствителна поморска опрема, да врши рутинско одржување и да управува со сложени системи за поддршка на операциите за нуркање“, се вели во огласот за работа.
Сѐ уште не е познато кога овој оглас е објавен на интернет, дали пред или по трагичниот инцидент и дали се однесува токму за позицијата на настраданиот пилот. Сепак, корисниците на Интернет шпекулираат дека огласот бил објавен набргу откако групите за пребарување соопштија дека не можат да ја лоцираат исчезнатата подморница, а потоа повлечен. Ова предизвика револт во јавноста и лавина критики за бесчувствителноста на компанијата.