Состојбата во Русија е сѐ потензична откако силите на „Вагнер“ тргнаа кон Москва.
На видео објавено на социјалните мрежи, кое наводно е снимено во Воронеж каде се стационирани трупите на лидерот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин, се гледа како ракета истрелана од платеничката војска напаѓа хеликоптер на руската армија.
Со помош на мамки, хеликоптерот ја избегна ракетата, која експлодирала во воздух, недалеку од камерманот.
На социјалните мрежи беа објавени и снимки од колона тенкови, оклопни возила и противвоздушни системи, наводно на „Вагнер“, кои се движат кон Москва.
До вечерва тие би требало да стигнат до руската престолнина.
Сепак, засега не е јасно која е точно целта на Пригожин, со оглед на тоа што е тешко да се очекува колоната возила да стигне до Москва и да го окупира градот.
Инаку, во градот Липецк, кој се наоѓа на нешто повеќе од 400 километри од главниот град, на патот од Воронеж кон Москва, граѓаните добија порака да не ги напуштаат своите домови.
„Од безбедносни причини, се замолуваат жителите на регионот Липецк да не ги напуштаат своите домови без итна потреба. Во моментов, сите власти и агенциите за спроведување на законот работат во засилен режим. Со цел да се обезбеди мир и безбедност на граѓаните на регионот Липецк, оперативниот штаб на регионот бара од жителите да не ги напуштаат своите домови без итен треба и воздржете се од какви било лични или јавни патувања со превоз“, соопштија од централата на регионот Липецк.
Руските власти најавија дека е можно да се прекинат интернет-врските на териториите каде се спроведуваат антитерористички мерки.