Речиси 24 часа по несреќата без никаков резултат е потрагата по семејството Пацоли од Косово кое трагично излета во надојдените води на реката Лепенец, откако вчера попладне на него налета возило „фолксваген туран“ со скопски таблички. Се трага по мајка, татко и нивниот 16-годишен син, а се спаси само нивниот постар син Шкелзим на 21-годишна возраст, кој е хоспитализиран во градската болница 8. Септември во Скопје и според лекарски извори, надвор е од животна опасност.
Нема трага ниту од нивниот автомобил којшто беше истуркан од патот од возилот „фолсваген туран“, кое ја претекнувало колоната возила. Возачот на „туранот“, кој е на 64-годишна возраст, е уапсен и задржан на сослушување.
Инаку, на патниот правел Скопје – Блаце се вршат градежни работи и токму тој дел од трасата каде се случил немилиот настан нема банкина, ниту било каква заштитна ограда. Дополнителен проблем претставувал и лизгавиот коловоз од дождовите кои деновиве се многу чести.
Потрагата ја отежнува и тоа што реката Лепенец е брза и матна од обилните дождови. Спасувачките нуркачки тимови не успеваат да ја завршат мисијата и да го откријат автомобилот БМВ во кој имало тројца членови на едно семејство од Косово. На работ, водата е до колена, но во речното корито е веднаш над еден метар.
Специјални тимови има и од Македонија и од Косово, полициски специјалци, припадници од армијата, од дирекција за заштита и спасување, волонтери… Сите се распоредени на околу три километри по течението на надојдениот Лепенец.
– Како што гледате, водата е надојдена и брза. Не е многу длабока, но е брза и спасувачите, видовте како искусни спасувачи, едвај се одржуваат во брзаците. Мора да се внимава и на други човечки животи. Нуркачкиот турнус е половина час во вода, по што мора на површина и на брегот да излезат и да одморат по час и половина – изјави Беким Максути, директор на Дирекција за заштита и спасување.
Дронови од воздух со термални и оптички инструменти исто така трагаат по настраданите во брзата река, а надеж се гледа во очекуваното намалување на нивото на Лепенец, наредните часови.
Автомобилот БМВ сега го крие надојдената река, а под местото на несреќата има и диви ископи на песок од Лепенец кои оставаат длабоки дупки во коритото и ја отежнуваат спасувачката операција. Нуркачите пронајдоа едно возило, но не се знае дали се работи за возилото марка БМВ кое излета во Лепенец.
Несреќата се случила пред тунелот, а иако пред кобното место има нова банкина, токму на локацијата најблиска до Лепенец нема никаква заштита. Покрај тоа, пред тунелот кој се реновира има семафор за регулирање на сообраќајот што често предизвикува колони возила на фреквентниот пат кон Косово.
Пет минути по сообраќајната несреќа на местото се нашол и таксист од Косово. Тој вели дека го забележал на патот удреното возилото „фолсксваген“ кое ја предизвика несреќата, слушнал и гласови од реката, но не се осмелил да интервенира сам. За брзо време се собрале голем број граѓани.
– Доаѓав од Скопје и стигнав многу брзо откако се случила несреќата. Насекаде имаше искршена пластика, делови од браници. Никој не знаевме дека во реката има паднато возило. Потоа видовме и удрено возило со скопски таблички. Мислевме дека само тој во нешто се удрил, ама веднаш потоа видовме возило внатре. Немав храброст да влезам. Бесцелно беше да се влегува, реката беше голема, можеше и нас да нè повлече. Потоа и патниците почнаа да ми викаат дека мора да продолжат, беа патници од Норвешка. Сè се случи околу 15 часот – изјави таксистот од Косово за 24 вести.
Несреќата се случила вчера попладне, од обвинителството соопштија дека првичните информации се дека четворочленото семејство Пацоли од Косово со БМВ било дел од колона автомобили кои се движеле кон границата. Тогаш БМВ имало судар со фолксваген туран со Скопски таблички кој според обвинителството ја претекнувал целата колона.
„Во моментот кога (скопскиот туран) стигнал паралелно до автомобил БМВ со косовски регистарски таблички кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец“, соопшти обвинителството.
Уште се наведува дека веднаш по несреќата сите возачи застанале да пружаат, помош иако косовскиот автомобил многу бргу биле прекриен со вода и однесен.