Еден мал град во Невада е тероризиран од „библиска“ наезда од мормонски штурци кои ги прекрија патиштата, ги нападнаа зградите и ги вознемирија жителите. Штетниците долги околу 7 сантиметри што го нападнаа Елко, Невада, не само што ги голтаат сите земјоделски култури, туку се и опасност во сообраќајот, бидејќи од нив патиштата стануваат опасно лигави, откако ќе бидат смачкани од автомобилските гуми.
Жителите се справуваат со роевите инсекти кои ја покриваат земјата, ползат по ѕидовите и ги напаѓаат зградите.
И покрај нивното име, овие инсекти спаѓаат во видот Катидиди, кои многу личат на штурци. Според стручњаци од Универзитетот во Невада тие не летаат, туку одат или скокаат. И иако се тотално безопасни за луѓето, бубачките сепак ги застрашуваат локалните жители кои страдаат од фобии од инсекти.
Снимки што предизвикуваат морници се споделени на социјалните мрежи. Од нив се гледа дека градот е буквално под опсада од ројот инсекти што се движи низ државата.
– Кога погледнавме овде, целиот ѕид беше ссосема покриен. Тоа навистина, навистина ме преплаши – изјави Колет Рејнолдс, жителка на Елко за локалниот весник КСЛ.
Портпаролот на регионалната болница во Североисточна Невада изјави дека болницата морала да распореди метли и дувалки за листови за да им направи пат на пациентите да можат да влезат во зградата.
Сликите налик на библиски сцени од апокалипсата покажуваат и колку патиштата се сега опасни поради згмечените бубачки. Одделот за транспорт на Невада ги посипува со песок патиштата за да овозможи безбедно движење на возилата.