Таткото на 23-годишниот возач Јан Ерлих, кој синоќа удри со автомобил во луѓе на паркингот во трговскиот центар Супернова во Бузин, Хрватска, за Индекс кратко ја искоментирал несреќата. Пет лица се повредени во сообраќајната несреќа на ненајавен автомобилски собир.
Неговиот татко е Јанко Ерлих-Здворжак, претседател на Здружението за повреди на ‘рбетот Загреб. Ерлих-Здворжак е лице со посебни потреби.
– Мојот син добиваше казни за брзо возење, но вакво нешто никогаш не се случило – изјавил таткото на возачот. Тој рекол дека неговиот син Јан моментално е во полиција.
На прашањето каде неговиот 23-годишен син добил скап и силен мерцедес, бидејќи е студент, Ерлих-Здворжак вели дека дел платил тој, а дел неговиот син.
– Купува и продава автомобили за да заштеди пари. Учи, но ова го прави на страна. Се надевам дека ваквиот шок што го предизвика нема да влијае премногу на пресудата бидејќи навистина ми е потребен и ми помага во секојдневните активности – рекол таткото на возачот.
Загрепската полиција започна кривична истрага против 23-годишен маж кој влета во тројца пешаци и автомобил во кој се повредени уште две лица, по ударот со неговиот „мерцедес“ на паркингот во трговскиот центар Супернова на неофицијален собир за автомобили.
Како што извести полицијата утринава, три лица се тешко повредени, а две полесно. Полициската управа (ПУЗ) во Загреб прецизираше дека 23-годишниот маж управувал „мерцедес“ со загрепски регистерски таблички и поради несоодветна брзина налетал на тројца пешаци и еден автомобил, кои потоа се судриле со друг автомобил.