Почетокот на светската турнеја на пејачката Бијонсе минатиот месец во Шведска доведе до таков пораст на побарувачката за хотелско сместување и резервации во ресторани, односно до зголемување на цените, што земјата објави инфлација од 9,7 отсто во мај, што е повисока од очекуваната.
Економистот на „Данск банк“ Мајкл Гран изјави дека мисли дека токму Бијонсе го поттикнала растот на цените во хотелите и рестораните, пишува „Би-би-си“. Тој додаде дека доаѓањето на пејачката стои и зад неочекуваното поскапување на рекреативните и културните настани.
„Не би ја обвинувал Бијонсе за високата инфлација, но нејзините перформанси и глобалната побарувачка очигледно придонесоа за тоа“, рекол Гран.
Нема сомнеж дека првата соло турнеја на популарната пејачка по седум години одбележа важен економски момент, наведува „Би-би-си“ и додава дека постојат проценки според кои светската турнеја на Бијонсе до крајот на септември би можела да заработи речиси две милијарди фунти.
Потрагата по сместување во градовите каде што таа пееше или кои ќе ги посети значително пораснала, а билетите за многу концерти се распродадоа за неколку дена, додека цените драстично скокнаа на пазарот за препродажба.