Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на отворањето на Конференцијата за економската и еколошката димензија на ОБСЕ – „Промовирање на безбедноста и стабилноста преку постигнување на одржлив развој и отпорен и инклузивен економски раст“, која денеска се одржува во Струга.
Изразувајќи задоволство што борбата против корупцијата и промоцијата на доброто владеење се дел од агендата на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, во време кога сме соочени со сериозни регионални и глобални предизвици, вицепремиерката Грковска истакна:
„Корупцијата ја нагризува довербата, одзема од ресурсите кои се наменети за општото добро и ја одржува нееднаквоста. Таа го кочи економскиот раст и го поткопува владеењето на правото и иновациите. Имајќи го тоа предвид, сеопфатниот пристап е единствениот кој може да донесе позитивни резултати и тој мора да вклучува превентивни мерки и цврста законска рамка која ефикасно се спроведува. Соработката меѓу владите, граѓанските организации и меѓународните институции е од суштинско значење за споделување на најдобрите практики, за поттикнување на взаемната поддршка и градење глобален сојуз против корупцијата.“
Осврнувајќи се на транспарентноста и отчетноста, кои се во сржта на доброто владеење, вицепремиерката истакна дека носителите на функции треба секогаш да дејствуваат во најдобар интерес на луѓето, но за да се осигураме дека овој принцип вистински се почитува, мора да продолжи јакнењето на надзорните институции, независните ревизии и да има отворени канали преку кои граѓаните отворено и без страв ќе зборуваат за овие проблеми.
„Кога лидерите понесуваат одговорност, се зајакнува довербата на јавноста во управувањето, а се намалува просторот за корупција. Во тој поглед неминовно е да се нагласи дека улогата на судството е клучна, особено кога станува збор за проблемот со неказнивоста, којшто што директно ги поткопува сите други напори на ова поле. Тогаш кога ќе се зголеми довербата во судството, силно верувам дека и резултатите во борбата против корупцијата значително ќе се подобрат.“
Вицепремиерката Грковска се осврна и на потребата да се приоретизира прашањето за корупцијата во доменот на животната средина, која ги загрозува екосистемите и го спречува еднаквиот и инклузивен развој и заклучи дека зајакнувањето на доброто владеење нè соочува со огромни предизвици, но и можности. „Мора да останеме посветени и да ги јакнеме најслабите алки во нашите заедници кои се порозни за коруптивни активности и да направиме сè што можеме за да изградиме општества засновани на доверба. Да ја прифатиме споделената одговорност и неуморно да работиме за создавање посветла и попросперитетна иднина за сите. Тоа се битки кои вреди да се бијат“, заклучи вицепремиерката Грковска.