Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски во својата најнова анализа која ја сподели на социјалната мрежа Фејсбук истакнува дека во Македонија има хиперпродукција на медицински кадар, и тоа во бројки кои се многу поголеми во споредба со некои развиени земји. Тој изразува загриженост за квалитетот на оние кои завршуваат медицински студии и утре ќе треба да нѐ лекуваат.
– Поминаа неколку дена откако, како најнормална информација, беше објавено дека во Македонија минатата година дипломирале медицина дури 879 студенти, а од тој број безмалку 600 во Тетово и во Штип. Никаква реакција, никаков вресок на јавноста, на Лекарската комора или на поединци, а камоли влегување на јавното обвинителство во придружба на полицијата на факултетите и нивно запечатување сѐ додека не се расчисти оваа образовна измама на векот – ја започнува својата анализа проф. Трајковски.
Тој повикува сериозно да се погледнат бројките и да се види што е колку-толку нормално, а што е безумие или криминал.
– Само до пред 6 години на Медицинскиот факултет во Скопје се запишувале 280 студенти, сите одлични од првиот до последниот. Последниот, 280-иот запишан имал персентилен ранг 92, што значи дека бил подобар од 92% од сите државни матуранти на ниво на цела држава. Инаку, ваков персентилен ранг се постигнува доколку ученикот ги има петки во сите четири години во средно училиште, со најмногу три четворки на државната матура. Резултат вреден за восхит, недостижен за сите останати факултети, освен донекаде за Економскиот факултет во Скопје, којшто им беше најблискиот конкурент според успехот на запишаните бруцоши. Извесен број одлични имаше и на информатика, но далеку од споменатите два факултета. Техничките факултети претставуваа големо разочарување, каде понекаде и највисоко рангираниот кандидат беше послаб од последниот на медицина. Ако некој мисли дека со такви предзнаења се станува инженер, многу се лаже. Затоа индустријата ќе ни биде во нокдаун, но тоа е тема за сосема друга анализа – продолжува професорот.
Трајковски се навраќа на 2017 година кога на медицина дипломирале се на сѐ околу 110 студенти под претпоставка од 280 запишани во 2010/11 година, односно исто колку во 2017 година. Ранг-листата на запишаните кажува дека првите 110 (колку што дипломирале) од 280 запишани имале персентилен ранг од најмалку 96, што значи дека приближно сите со персентилен ранг понизок од 96 пропаднале во текот на студиите, иако сите запишани биле одлични со сите петки во средно и со најмногу две четворки на државна матура.
– Доаѓаме до 2022 година, кога во државата дипломирале 879 (!) студенти по медицина, а од овој број 333 „дипломирале“ на Тетовскиот државен универзитет, 298 во Скопје на УКИМ и 248 во Штип, на УГД. Имало најмногу дипломирани во однос на останатите факултети, па слободно може да се каже дека лекарите се нашите нови правници, коишто ќе го преплават бирото за вработување и ќе ја урнат платата на лекар на помалку од 30.000 денари. Нас, потенцијалните пациенти нека не нѐ загрижува нивната плата, но што е со квалитетот? Дали некој сериозно верува дека од Тетово излегле повеќе доктори отколку во Скопје и дека биле достојни за звањето доктор? Веќе видовме дека најдобрите матуранти се запишале на скопскиот медицински факултет, а на сите останати – само она што преостанало. Јасно е каков ќе биде нивниот квалитет – пишува професорот.
Тој заклучува дека дипломираните од скопскиот факултет најверојатно ќе заминат во странство, а нам ќе останат да нѐ лекуваат хиперпродуцираните кадри од Тетово и од Штип. Професорот истакнува дека ова е веќе загрижувачка, па и опасна ситуација, особено што многумина од нив и ќе специјализираат, недај Боже исто така во Тетово и во Штип, а гледаме како се завршуваат и основните студии, додава тој.
– Ако матичниот доктор можеме да го бираме, не можеме да го бираме специјалистот – просто не му пишува на челото каде и како дипломирал и специјализирал. Државата, којашто ја дозволи оваа измама, би требало да им наложи на влезот од секоја специјалистичка ординација на видно место, со големи црвени букви да стои името на факултетот, генерацијата на дипломирањето, како и предупредување дека државата не стои зад квалитетот на докторот и дека влегуваме на сопствен ризик. Навистина, кој ќе нѐ заштити од овие дипломираните во 2022 година? Иако меѓу нив секако има и квалитетни кандидати, тие се измешани со оние што нормално би пропаднале уште во прва година. Македонија станува опасно место за живеење. Што треба уште да ни се случи за да сфатат дека вака не може и не смее понатаму? Кога Лекарската комора, па и Министерството за образование ќе се разбудат и ќе ја притиснат сопирачката, макар и со големо задоцнување? За жал, наместо тоа ќе продолжат да нѐ замајуваат дека „сѐ било согласно законот“ и дека ова се само фантазии на поединци коишто немаат попаметна работа, туку само критикуваат колку да им помине времето – заклучува професорот.
Трајковски им се обрати и на оние кои го подучувале дека во Македонија немало хиперпродукција на дипломиран медицински кадар (доктори, рендгенолози и т.н.) и дека било нормално само во Тетово и во Штип, два града со вкупно 95.000 жители, на медицинските факултети да дипломираат безмалку 600 души во само една година.
– Да видиме прво што е нормално. Во Америка дипломираат 8 на 100.000 жители годишно, а во Германија 12 на 100.000. Толку е нормално квалитетно да студираат и да дипломираат. Сега ќе видиме што НЕ е нормално. Во Македонија лани дипломирале 879 на 1,8 милиони жители, односно 49 (!) на 100.000 жители, четири пати повеќе отколку во Германија и 6 пати повеќе отколку во САД. Aко ги земеме предвид само полошкиот и овчеполскиот регион со околу 300.000 жители, од каде главно се запишуваат во Тетово и во Штип, доаѓаме до вртоглави 200 дипломирани на 100.000 жители годишно! На секој паметен ова треба да му биде доволно. Зборуваме со факти и мерила, нели, а квалитет не се постигнува со хиперпродукција – објаснува професорот Трајковски.
Бидејќи беа повикани во објавата на професорот Трајковски, Плусинфо побара коментар од Лекарската комора на Македонија од каде ни одговорија дека Комората како професионално здружение на докторите на медицина во земјава, не учествува во планирањето на студиските програми и на бројот на запишани студенти, ниту во самиот процес на спроведување на образованието на студентите по општа медицина.
– Лекарската комора согласно своите надлежности води Регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци, спроведува стручен испит и стручен надзор. За докторот на медицина да се стекне со лиценца за работа треба да помине приправнички стаж и да положи стручен испит. Во текот на 2022 година, 435 доктори на медицина положиле стручен испит и се стекнале со лиценца за работа. Треба да се има предвид дека во бројот од 435 доктори на медицина со положен стручен испит има и доктори кои завршиле студии во претходните години – велат од Лекарската комора за Плусинфо.