Експертскиот тим на синоптичари за порталот за метеорологија „Акуведар“ (AccuWeather) изработија детална прогноза за тоа какво време не очекува ова лето, во Европа и на Балканот.
Искусните метеоролози Тајлер Ројс и Алан Реперт, кои заедно ги проучувале временските услови низ континентот повеќе од три децении, детално ги разгледале претходните години и временските обрасци низ светот за да ги утврдат главните прогнози за претстојната сезона.
Според нив, наскоро ќе започне летното време во централна и северна Европа, додека југоисточните области би можеле да доживеат побавен премин кон летната сезона. Иако претстојната сезона можеби не е толку жешка како претходните лета, експертите велат дека може да се покаже исто толку опасна поради шумските пожари, силната суша и лошите временски услови.
Нивната прогноза ја истакнува зоната од северна Франција до Германија, Полска и балканските држави како најверојатниот коридор за почести врнежи од дожд и можеби дури и тешки временски услови во споредба со остатокот од континентот.
Врнежите треба да го достигнат историскиот просек за поголемиот дел од овој регион, што ќе биде добра вест за земјоделските култури ширум Балканот, вели Ројс.
Сепак, иако врнежите ќе помогнат да се ублажат условите за суша во регионот, тие би можеле да имаат негативни ефекти врз некои заедници.
– Зоната од северна Франција до Балканот е изложена на најголем ризик од тешки временски услови во однос на грмотевици кои можат да произведат силен ветер и град – рече Ројс.
На Балканот невремето може да резултира и со значителен ризик од поројни поплави, бидејќи врнежите треба да се искачат, како што се очекува, над историскиот просек за сезоната.
Сепак, не се губи секаква надеж дека летните планови и годишните одмори ќе бидат целосно изгубени поради дождовите, бидејќи според Ројс се очекуваат и „убави периоди“ во текот на летото.
Се очекува дека температурите ќе бидат близу или малку над историскиот просек во регионот во текот на јуни, јули и август.
– Очекуваме бројот на денови со температури од 32 степени Целзиусови или повисоки да биде малку над историскиот просек ова лето – рече Ројс.
Метеоролозите на „Акуведар“ велат дека Источна Европа е област на континентот што е најмалку веројатно да доживее чести топлотни бранови во претстојната сезона. Севкупно, температурите веројатно ќе се движат речиси во просек во текот на летните месеци. За другите региони, како што е југозападна Европа, летната прогноза предвидува големи суши и малку врнежи кои би можеле да го ублажат ефектот.