Златан Ибрахимовиќ (41) вчера се прости од фудбалот ставајќи крај на својата професионална играчка кариера. По натпреварот помеѓу Милан и Верона, легендарниот шведски фудбалер објави дека со истекот на договорот со Милан завршува и неговата фудбалска кариера.
Ибрахимовиќ со многу емоции и солзи во очите се прости од навивачите.
-Дојде моментот да се збогуваме со фудбалот, а не и од вас – им порача Златан на навивачите на Милан во емотивното обраќање.
Веднаш по објавата на Ибрахимовиќ , прв спортската пензија му ја честита неговиот голем пријател, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
-Најјак си брате Ибра – напиша Ѓоковиќ и објави фотографија од Златан во дресот на Милан.
Ѓоковиќ и Ибрахимовиќ ги врзува долгогодишно пријателство. Двете големи ѕвезди често ја забавуваа јавноста со весели видеа од нивните дружења, а неодамна заедно го следеа натпреварот меѓу Интер и Милан во полуфиналето на Лигата на шампионите.
За време на неговата професионална кариера, која започна во 1999 година, Ибрахимовиќ играше за шведскиот Малме, холандскиот Ајакс, италијанските клубови Јувентус, Интер и Милан, шпанската Барселона, францускиот Пари Сен Жермен, англискиот Манчестер Јунајтед и американскиот Лос Анџелес Галакси.
Тој постигна вкупно 511 гола и освои шампионски титули во четири земји.
Ибрахимовиќ вторпат го облече дресот на Милан на почетокот на 2020 година, а минатата сезона со Росонерите го освои италијанското првенство.
Тоа беше негово второ скудето со Милан, а претходното го освои во 2011 година.
Ибрахимовиќ сепак оваа сезона одигра само четири првенствени натпревари за Милан и постигна еден гол, бидејќи имаше многу проблеми со повредите.
Во текот на својата играчка кариера, Ибрахимовиќ освои вкупно 34 трофеи, од кои 14 титули во националниот шампионат. Единствениот голем клупски трофеј што го нема освоено е оној највредниот во Лигата на шампионите.