Железничката несреќа во источна Индија, во која загинаа повеќе од 300 луѓе, а стотици беа повредени, е предизвикана од грешка во системот за електронска сигнализација поради која возот ја смени пругата, изјави индискиот министер за железници.
„Кој го направи тоа и која е причината, ќе покаже истрагата“, изјави министерот Ашвини Ваишнав во интервју за телевизијата Њу Делхи.
Властите работат на расчистување на остатоците од двата патнички воза кои излетаа од шините во петокот вечерта во областа Баласоре во источната индиска држава Одиша, во една од најтешките железнички несреќи во земјата во последните децении.
Индиската новинска агенција PTI претходно објави дека прелиминарната истрага открила дека на возот Коромандел експрес му бил даден сигнал да влезе во главната пруга и дека сигналот подоцна бил исклучен. Возот влегол во втората страна, позната како обиколница, и налетал на товарен воз паркиран таму, соопшти агенцијата.
Од оштетените вагони во саботата беа извлечени 15 тела, а во текот на ноќта продолжија напорите со помош на кранови да се отстрани локомотивата која паднала врз еден од вагоните. Во локомотивата не се пронајдени тела, а работата е завршена утрово, изјави генералниот директор на итната и противпожарната служба во Одиша.
Несреќата се случи во време кога премиерот Нарендра Моди се фокусираше на модернизирање на индиската железничка мрежа од британската колонијална ера. Индија стана најнаселена земја во светот со 1,42 милијарди луѓе.
И покрај напорите на владата да ја подобри безбедноста на железницата, секоја година се случуваат неколку стотици несреќи во најголемата единствена железничка мрежа во светот.
Повеќето железнички несреќи во Индија се должат на човечка грешка или застарена опрема за сигнализација.
Повеќе од 12 милиони луѓе патуваат со 14.000 возови низ Индија секој ден, по 64.000 километри пруги.