Најмалку пет лица загинаа, а 19 се ранети во гранатирањето на живинарска фарма во текот на ноќта во областа Луганск во источна Украина, која е под руска контрола, соопштија руските власти и го обвинија Киев дека го извршил нападот.
„Во гранатирањето на селото Карпати (35 километри западно од Луганск) од страна на украински вооружени групи има 24 жртви – пет мртви и 19 ранети“, напиша преку Телеграма рускиот центар за контрола на безбедносната ситуација во регионот Луганск.
Оштетена е живинарска фарма и објект во кој се привремено сместени работници, изјави истиот извор, без да прецизира дали жртвите се војници или цивили. Но, во првото соопштение, објавено неколку часа претходно, се наведува дека загинале четворица работници.
Според прелиминарните информации, нападот бил изведен од повеќецевни ракетен фрлач Химарс што САД му го доставиле на Киев, се вели во соопштението и се додава дека „непријателот истрелал четири проектили“.
Областа Луганск, која се наоѓа веднаш до Доњецк, беше во голема мера окупирана од руската армија и е една од четирите украински територии чија анексија беше објавена од Москва во септември минатата година.