Српскиот претседател Александар Вучиќ побара амбасадорите на земјите на Квинта од САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и со шефот на делегацијата на ЕУ да го „вразумат“ косовскиот лидер Албин Курти и да ги повлече своите сили и „личните градоначалници“ од северот на Косово.
Мнозинското локално население од српска националност протестира во последниве денови против новоизбраните градоначалници на општините на северот, кои се косовски Албанци. Албанските градоначалници беа избрани по бојкотот на српското население и со минимална излезност на изборите.
Тензиите во општините на северот на Косово, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, во последните денови прераснаа во насилство. За време на вчерашните немирите беа повредени 30 војници на мировната мисија на НАТО на Косово, како и повеќе од 50 Срби.
Вучиќ денеска се сретна со амбасадорите и побара „итно да донесат и да спроведат одредени мерки кои би ја гарантирале безбедноста на Србите на Косово, што е предуслов за какви било понатамошни разговори со претставниците на властите во Приштина“.
– Србите никогаш нема да ја прифатат окупацијата на Курти – изјавил Вучиќ.
Специјалниот претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина Мирослав Лајчак се обидува да организира средба во Братислава меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори. Меѓутоа, овие извори предупредуваат дека без разлика на волјата на европските посредници, мали се шансите за средба бидејќи не постои подготвеност кај инволвираните страни.
Лајчак, Вучиќ и Курти деновиве треба да престојуваат во Братислава на форумот на тинк-тенк организацијата ГЛОБСЕК што се одржува меѓу 29 и 31 мај. Српскиот претседател и косовскиот премиер се најавени како панелисти во одделни настапи, а се верува дека тоа би било добра можност да се одржи вонреден состанок на највисоко политичко ниво, во светло на новите тензии на северот на Косово.
Вучиќ изрази големо незадоволство и силна загриженост поради фактот што дел од меѓународната заедница продолжува да ги толерира едностраните потези на Приштина, кои водат до насилство врз српската заедница, што резултира со намален број опции кои би можеле да доведат до постојан мир и стабилност во регионот.
– Kрајно време e дел од меѓународната заедница конечно да реагира остро, јасно и недвосмислено на политиката на приштинските институции и да ги заштити Србите од се посилните притисоци и бруталното насилство што се врши пред очите на сите механизми, чија улога, меѓу другото, e таа заедница да ја штитат – рекол Вучиќ.
Српскиот претседател изрази жалење за повредените војници на КФОР, но посочи дека се повредени многу поголем број Срби, дека против нив било употребено огнено оружје и голема физичка сила, иако од самиот почеток пружиле ненасилен отпор. Тој нагласи дека Србија ќе ја продолжи комуникацијата со претставниците на НАТО/КФОР со надеж за зачувување на мирот и стабилноста.
Амбасадорите на Квинта и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија изразија загриженост за ескалацијата на насилството и нападите врз војниците на КФОР. Тие побараа враќање на дијалогот за да се најде политички излез од ситуацијата.
МИА/РСЕ
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI