По масакрот што се случи во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, на социјалните мрежи се појавиле низа застрашувачки видеа на кои се воздигнува момчето-убиец, но последниве денови тој тренд станува сè повеќе морничав, па во коментарите биле замолени да престанат со тоа, објави Б92.
Имено, сега на Тик-Ток постои актуелен филтер со кој децата од регионот, но и од странство можат да бираат помеѓу момчето убиец и неговите жртви.
Тие кратки видеа на Тик-Ток изгледаат вака: – На едната страна се 10 жртви од „Рибникар“, а на другата – момчето-убиец.
Корисниците на оваа социјална мрежа, движејќи ја главата лево или десно, избираат кој за нив го претставува „кралот“.
Застрашувачки е што филтерот го преплавил Тик-Ток. Го користат најмногу луѓето од регионот, но меѓу нив и странци кои, без разлика дали знаат за што се работи или не, смеејќи се го воздигнуваат и го избираат момчето-убиец.
„Ти треба помош“
Во коментарите на тoa видео, свесните луѓе апелирале да престане овој морничав тренд. „Ти треба помош!“, „Тоа е нечија сестра, нечиј брат, нечиј пријател …“, „Кој ќе повика полиција?!“, се дел од критиките во коментарите, но одговор од авторот на видеото немало.
Како што може да се забележи на едно од видеата, веројатно објавени од малолетна девојка, таа имала фотографии од жртвите и детето-убиец над главата. Девојчето ги затворило очите, се насмевнало и ја свртело главата кон сликата со детето-убиец, додека од другата страна наизменично се менувале фотографиите на жртвите.
Да потсетиме, невидена трагедија се случила во Србија на 3 мај, на Врачар, кога ученик од 7 одделение со пиштолот на својот татко влегол во училиштето „Владислав Рибникар“ и убил 9 негови врсници и училишниот чувар.