Денеска во Охрид започна тридневната Конференција „Проектни предизвици- Локална самоуправа,граѓански организации, образование и спорт“ што ја организираат Геостратешкиот институт „Глобал“, спортската академија „Скај Велнес“ и Општинскиот сојуз на училишен спорт.
Во улога на домаќин на конференцијата пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков кој се осврна на значењето на спортот и физичката активност што е и главна тема на дискусија на настанот.
– Дозволете да го изразам моето огромно задоволство што денес сум меѓу вас на отворањето на конференцијата „Проектни предизвици- локална самоуправа, граѓански организации, образование и спорт“ што наредниве неколку дена ќе се одржува во Охрид ,а на која ќе се расправа за значењето на спортот.
Одамна е познато дека основна друштвена и индивидуална вредност е човечкиот живот и здравјето. А основна алатка за здрав живот и ведар дух е спортувањето. Спортот како натпревар или игра има огромно значење за правилен психофизички развој на децата и младите. Токму затоа огромно е значењето на образовните и останати институции во правилно насочување на младите, а во таа насока е организирана и денешнава конференција.
Секако упатувам честитки до Здружението за Геостратешки Истражувања „Глобал“, Скај Велнес и Општинскиот сојуз на училишни спортови кои го реализираа проектот “Учиме да пливаме“, а во којшто беа вклучени првачињата и деца со посебни потреби од Скопје. Се надевам дека вакви спортски случувања во иднина ќе се организираат и тука во нашиов град.
Деновиве ќе имате тематски дебати во кои ќе бидат вклучени универзитетски професори, домашни експерти, раководители на Сектори од локално и национално ниво и еминентни новинари. Посакувам да донесете заклучоци кои ќе овозможат напредок во спортскиот живот, а нас ќе не обврзете да работиме на континуирано усовршување на условите за спортување. Секако, покрај работниот дел посакувам да одвоите време да прошетате по убавиот Охрид кој изобилува со природни убавини и културно – историски знаменитости. Посетете ја Наколоната населба кај Градиште или „влезете во древнините“ на старото градско јадро кое е надвиснато над езерските води. Качете се на Самуиловите тврдини или на Античкиот театар. Верувајте секогаш ќе најдете интересни и недопрени содржини кои сведочат за вечна Македонија. И секако здрави и живи со убави впечатоци повторно дојдете кај нас- рече градоначалникот Пецаков.
Пригодни обраќања имаа и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцински и проф. д-р Иван Анастасовски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје.