Ковачевски да ги стави уставните измени на дневен ред, а ако нема мнозинство, да си поднесе оставка – повика денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Често пати се чудам на аматерскиот однос кон суштинските и важни прашања за граѓаните и за Македонија на Владата. И секогаш кога мислам дека го допреле дното, јас во суштина сум бил песимист, тие можеле да одат подлабоко. Прво, ги трошат парите на граѓаните ненаменски. Тие експерти добиваат пари од Буџетот за работа за која што во моментов немаат мандат. Тие можат да добијат мандат само во случај доколку Парламентот изгласа потреба за отворање на Уставот. Доколку Парламентот во првата фаза не изгласа, а што ќе се случи, потреба за отворање на Уставот, тогаш нивната работа е беспредметна. И хонорарите кои што ги добиваат од вас граѓаните ќе бидат практично злоупотреба на финансиските средства на граѓаните бидејќи тие немаат сега мандат да зборуваат за уставни измени – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за уставните измени.
Тој рече дека нема да има уставни измени во Собранието, а Ковачевски конечно треба да ја ефектуира, како што рече, онаа оставка за која што зборува целото македонско Собрание.
– Ја користам оваа прилика и го повикувам човекот кој што е поставен таму, Димитар Ковачевски, и вистинскиот кој што ја води Владата, Артан Груби заедно со Али Ахмети, да ги достават овие барања во Парламентот односно да ја достават потребата за отворање на Уставот за да можат пратениците да се изјаснат. Еве час поскоро, нека се охрабрат и нека го поднесат тоа барање и Али Ахмети и Димитар Ковачевски и да гласаат пратениците, па да видиме како ќе гласаат – повика Мицкоски.