Манчестер Јунајтед во следните неколку недели ќе испрати понуда до Тотенхем за капитенот на лондонскиот клуб и англиската репрезентација, Хари Кејн, пренесуваат британските медиуми.
Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хег, им кажа на челниците на клубот дека Кејн е потенцијално клучен играч за шампионските амбиции на „црвените ѓаволи“ следната сезона. Тен Хег сака што побрзо да ја реши ситуацијата и да дознае дали може да го доведе капитенот на англиската фудбалска репрезентација во јуни.
Кејн има договор со Тотенхем до крајот на следната сезона, а британските медиуми велат дека претстојниот преоден рок може да биде последна шанса за лондонскиот клуб да добие отштета за англискиот интернационалец.
„Гардијан“ објави дека износот на обештетувањето би требало да биде повеќе од 80 милиони евра доколку претседателот на Тотенхем, Данијел Леви одлучи да му дозволи на Кејн да го напушти лондонскиот тим на крајот на сезоната.
Кејн оваа сезона во Премиер лигата постигна 28 гола на 37 натпревари.