„Најверојатно ова сценарио нема да биде добро за Русија, па мораме да се подготвиме за тешка војна. Ние сме во таква состојба што би можеле ебено да ја изгубиме Русија – тоа е главниот проблем… Мораме да воведеме вонредна состојба “.
Вака изјави Евгениј Пригожин, шефот на платеничката група Вагнер во интервју на својот канал на Телеграм. Тој рече дека Украина ќе се обиде да го опколи Бахмут и да го нападне Крим и дека верува оти Украина сега има една од најсилните армии во светот.
– Ако обичните Руси продолжат да ги враќаат своите деца во ковчези, додека децата на елитата се сончаат во странство, Русија ќе се соочи со превирања како револуциите од 1917 година кои доведоа до граѓанска војна – изјави Пригожин.
Исто така, Пригожин претходно денеска во интервју со про-Кремљ блогерот Константин Долгов рече дека руските одбранбени сили не се подготвени да се спротивстават на неодамнешните упади во рускиот регион Белгород.
На прашањето за упадите, Пригожин рече дека додека „групите на рускиот волонтерски корпус бесрамно влегуваат во регионот на Белгород“, руската армија „апсолутно не е подготвена да им се спротивстави“.
– На почетокот на специјалната воена операција, Украинците имаа, да речеме, 500 тенкови, а сега имаат 5.000 тенкови и ако тогаш само 20.000 луѓе знаеја да се борат, сега има 400.000 луѓе кои знаат да се борат. Jа демилитаризиравме ли Украина? Изгледа го направивме спротивното, ја милитаризиравме – рече Долгов.
Пригожин пак рече дека Украинците биле високоорганизирани и обучени цело време и дека можат еднакво успешно да управуваат со секаков воен систем, и советски или НАТО-вски. Според него 10.000 војници на Вагнер загинале кај Бахмут.
Беспилотни летала ноќеска гаѓаа неколку цели во руската Белгородска област, изјави гувернерот на регионот Вјачеслав Гладков.
– Ноќта не беше мирна. Имаше многу напади со беспилотни летала. Повеќето од нив беа пресретнати од противвоздушната одбрани – изјави Гладков на Телеграм.
Во нападите нема жртви, но оштетени се возила, куќи и јавни објекти, додаде рускиот претставник.
Москва претходно соопшти дека во понеделникот украинска диверзантска група извршила инвазија на територијата на Белгородската област, а вчера Министерството за одбрана соопшти дека групата е елиминирана.
Тоа се смета за најголем упад на руска територија од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина од февруари минатата година.