More

    Преку Трубарево ќе излеземе на море

    spot_img

    Скопје треба да израсне во транспортен логистички центар во кој ќе се вкрстат железничкиот, патниот и поморскиот превоз на стоки. Ова според плановите ќе се реализира напоредно со изградбата на железничкиот и патниот Коридор 8 и реконструкцијата и одржувањето на Коридорот 10 со што ќе се поврзат неколку држави и транспортни коридори кои ќе ги поврзат и околните мориња. Подготовката на студијата за оправданост на изградба на еден ваков транспортен јазол е почната, а треба да биде завршена во текот на следната година. Според она што се планира, овој транспортен јазол ќе се гради во Трубарево кое е местото на вкрстување на патните и железничките коридори 8 и 10.

    Потребата од едно вакво решение, велат од ЈП МЖ Инфраструктура, произлегува од фактот што со изградбата на железничкиот и патниот Коридор 8 и можноста да се искористи поморскиот транспорт се очекува зголемување на протокот на стоки и патници, а Скопје се наоѓа на тоа вкрстување и не треба да се пропушти шансата да израсне и во транспортен логистички центар. Центарот е планирано да се гради во Трубарево.

    – Главна цел со изградбата на Коридорот 8 покрај другите карактеристики е тоа што Скопје ќе биде логистички центар во овој дел на Европа водејќи сметка дека се вкрстуваат двата коридора 8 и 10, се поврзуваат Јонското и Средоземното Море со Егејското и со Црното Море дека се поврзуваат повеќе држави и дека ќе биде крстосница на огромна количина луѓе и стока која би требало да се прераспредели од централен јазол и со тоа всушност ја зголемуваме не само економската, туку и геостратешката важност. Ова ќе ја зголеми и нашата трговска размена повеќекратно – вели директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Хари Локвенец.

    Во прилог на ова се и податоците од ажурираната физибилити студија за исплатливоста на проектот за изградба на железничката пруга кон Бугарија, изработена во 2017 година со изградбата на железничките делници Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка од железницата кон Бугарија во 2025 година преку неа би се транспортирале 6.421 тони стока дневно, а со целосната изградба и на третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, во 2046 година се проектира транспорт на 22.876 тони стока. Без да се направи ништо, односно да не се поместат работите со изградбата, во 2025 година во нашиот дел на Коридорот 8 би имало транспорт на 4.967 тони стока што би се пренело генерално со камиони, а во 2046 година таа бројка би изнесувала 12.132.

    Локвенец вели дека веќе се контактира со Бугарија каде што веќе е изграден ваков терминал од каде што ќе се користат искуствата за изградба на овој транспортен јазол.

    – Бугарските колеги се подготвени да ни го пренесат искуството за да не ги правиме грешките во подготовката и изградбата на мултифункционалниот јазол. Имавме неколку средби со нив. Една ќе се реализира и деновиве – вели Локвенец.

    Тој оценува дека е добро што е почнато да се работи на овој јазол непосредно со изградбата на железничкиот Коридор 8 и изградбата на патниот Коридор 8, бидејќи со неговата изградба ќе се заокружи целиот транспортен систем.

    – Мометално се работи на студија која треба да покаже колку е исплатлив овој проект – вели Локвенец.

    Проектната документација е проценето дека ќе чини милион евра, а ќе вклучи и изработка на идеен проект за идниот објект. Парите се обезбедени од ИПА 2 програмата. Годинава ќе се потрошат 850.000 евра.

    Професорот од Градежниот факултет Зоран Кракутовски кој е вклучен во изработката на студијата, вели дека веќе е почнато да се работи на неа, а првите контури ќе се знаат до крајот на годината по изработка на соодветните анализи.

    – Идејата е да се носи стока со воз и во Трубарево каде што ќе биде тој логистички центар да се префрла во камиони и да се превезува до други локации. Можности има повеќе за ова. Да се претовара стоката, да се превезува во контејнери или да се превезуваат цели вагони до одредена дестинација. Што ќе биде најпогодно треба да покаже анализата која се подготвува. Студијата треба да покаже и кој вид опрема ќе биде потребен за овој центар, колку ќе биде исплатлив овој проект, како и колку ќе бидат заинтересирани нашите компании да го користат. Некои од нив веќе имаат такви искуства но мора да се направи анкета и со нив. Очекуваме Кина да биде заинтересирана за овој терминал, бидејќи веќе е вклучена во грчките пристаништа, но сето ова е само почеток. Треба да се разгледа и можноста како би било најдобро да се гради – преку јавно-приватно партнерство, приватна компанија или со концесија. Сите модалитети ќе се разгледуваат – вели Кракутовски.

    Студијата е планирано да биде готова следната година. Проектот е предвиден и во Националната транспортна стратегија 2018 – 2030 година на Министерството за транспорт и врски. Во неа е предвидено да биде изграден до 2030 година, за што е планирано да се потрошат 20 милиони евра.

    Сето ова, вели директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, ќе значи заокружување на процесот кој е почнат со изградбата на источното крило на железничкиот Коридор 8. Таму, според него работите се одвиваат забрзано, а за тоа се создадени услови со обезбедувањето на парите за финансирање, а до крајот на годината целосно треба да заврши и експропријацијата на земјиштето со што нема да има никаква причина за кочење на изградбата.

    – И двете компании „Штрабаг“ на делницата од Куманово-Бељаковце и „Ѓулермак“ на делницата до Крива Паланка работат интензивно на терен и очекуваме да се почитуваат роковите. Во текот на изградбата се користи и веќе изграденото во претходниот период (столбови и слично), со тоа што се вршат технички испитувања на она што останало и се проценува дали може да се искористи. Сѐ со цел да не бидат залудно фрлени парите за тоа. Нашите планови се источното железничко крило на Коридорот 8 да го завршиме до 2027 година, а западното до 2030 година – вели Локвенец.

    Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри (од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка 34 и од Крива Паланка до границата со Бугарија 24 километри). Проектираната пруга на западното крило на потегот од Кичево до границата со Албанија е 63 километри со тоа што во план е да се поврзат и охридскиот аеродром и Охрид со овој Коридор.

    – Парите се обезбедени. Првата делница од Куманово до Бељаковце од 31 километар е во вредност од 40,5 милиони евра. Втората делница од 34 километри ќе чини 155 милиони евра. За третата делница која е најкуса 24 километри, но најтешка за изведба, предвидено е да чини 405 милиони евра. Таму треба да се градат 24 тунели и 51 мост во тек на четири години. За оваа делница имаме добиено 61 милион евра грант од ИПА 2 програмата, а годинава дополнителни 155 милиони евра од ЕУ преку WBF. Станува збор за вкупно 216 милиони евра грант средства или приближно 55 проценти грант за вкупната инвестиција. Работите би требало да почнат кон крајот на следната година – вели Локвенец.

    Пресметките на претпријатието се дека средната верност на километар железничка делница во првата фаза изнесува 3 милиони евра, во втората фаза е 5 милиони евра, а според она што се предвидува средната вредност на чинење на километарот во третата фаза ќе изнесува 20 милиони евра.

    Локвенец вели и дека земјава нема да пропушти да се вклучи и во европската брза пруга, но според него засега е доволно железницата од Коридорот 10 редовно да се одржува и реконструира бидејќи за брзата пруга се потребни порадикални решенија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img