Премиерот на Албанија, Еди Рама најави гигантски проект во Поградец покрај Охридското езеро кое е заштитено од УНЕСКО. Тој објави снимки од работата на проектот кај шеталиштето на обиколницата кај Тушемиште, од мостот кај Дрилон, на изворите на Загорчан, и ќе заврши кај граничниот премин Тушемиште.
За ова реагираа екологистите и министерката за животна средина Каја Шукова која рече дека Рама не треба да го загрозува Охридското езеро со такви проекти.
Од „Охрид СОС“ велат дека уште еднаш на дело се покажува немањето волја за реално зачувување на исклучителните универзални вредности на регионот, лицемерието на институциите, кои едно зборуваат или пишуваат а прават нешто сосема друго и ставањето на некои други интереси над оние кои треба да се приоритет.
Министерката за животна средина вели дека до Владата досега не е стигната никаква најава за овој проект иако неодамна имале состаноци и разговори со албанската страна.Шукова најавува дека Владата ќе реагира соодветно бидејќи целиот тој проект се коси со УНЕСКО и препораките, а го засега Охридското Езеро.
– За секоја една активност која што е во рамките на Охридското езеро прво треба да бидеме информирани тоа е прво а второ навистина треба да внимаваме што правиме и македонската и албанската страна. Не треба да си дозволиме понатаму да одиме со нови објекти кои што ќе го загрозуваат Охридското езеро а секако основа за тоа треба да биде комуникацијата, и мислам дека час поскоро треба да направиме ние бидејки албанската страна не не информираше треба да видиме ние кои се плановите. Било какви активности да има тие мора да бидат според препораките на УНЕСКО“, вели Каја Шукова министер за животна средина.
Албанскиот дел од регионот само пред четири години беше вклучен на листата, но многу брзо се покажаа слабостите на терен. Неодамна, на средба со неколку организации и активисти од Поградец, Тушемишта и Тирана беа споделени загрижувачки информации. Заткулисно, се прави простор за ваквите проекти, иако државата се обврзала дека ќе го заштити тој дел од Охридскиот Регион потенцираат граѓански организации.