Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на гостувањето во вестите на Канал 5, одговарајќи на прашање за приведувањето на син на пратеник и на висок полициски службеник, а во врска со недозволена трговија со дрога и оружје, рече:
– Интензивни активности имавме изминатиот период. Одделот за организиран криминал при МВР, заедно со Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и, секако, со основните јавни обвинителства. Двете акции се за одбележување – на подрачје на СВР Скопје и на подрачје на СВР Штип, во коишто беа разбиени неколку криминални групи кои се занимаваа со трговија на дрога и со трговија на оружје. Во Скопје беа разбиени неколку криминални групи, извршени беа претреси на 27 локации, уапсени 15 лица кои се занимавале подолго време и беа следени од МВР. Исто така, на подрачје на СВР Штип, лица од Кочани, Виница, Берово беа уапсени за трговија со дрога. Исто така, таму имаше полициски службеник кој практично соработувал со оваа група – рече Спасовски, додавајќи дека за никого нема отстапки во сносењето одговорност.
– Пораката е јасна – секој еден кој се занимава со криминал мора да сноси одговорност. За никого нема отстапки во овој дел и апсолутно не сакам да размислувам во правец дали некој е во роднинска или било каква врска со носители на функција. Секој еден треба да сноси одговорност. Затоа што не само за дрогата и оружјето, за секаков вид на криминална активност, ако не се даде енергичен одговор од државата и институциите, тоа значи губење на таа битка со криминалот и корупцијата – беше категоричен Спасовски, потврдувајќи ја одлучноста да се стави крај на ваквите активности.
Притоа, тој потенцираше дека борбата е перманентна во овој дел, при што потсети на активностите со кои на подрачје на СВР Тетово беше уапсена 10 члена криминална група за трговија со луѓе, односно подведување на малолетно лице.