Сојузот на синдикатите на Македонија најавува дека ќе ги оспори пред Уставен суд измените на законот за работни односи кои се пред усвојувањето во Собранието. Претседателот на синдикатот на градежништво Иван Пешевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа очекува дека Уставниот суд повторно ќе ги донесе истите заклучоци со кои овој закон ќе се прогласи за неуставен. Со тој закон нема да има 60 часовна работна недела, туку ќе биде 72-часовна, вели Пешевски.
– Нашата Влада дефинитивно смета дека треба да ги врати македонските градежни работници во робовладетелство и феудализам и да работат од 40 – 60 како редовни часови, плус 12 часа да се плати како прекувремена работа. Согласноста која што ја кажува и министерката за труд и социјална политика сама по себе е неуставна. Вие како работник не можете да се согласите да работите толку дури и ако сакате. Значи нема цена што може вас да ве плати да работите по 72 часа неделно. Со било каква согласност сама по себе таа е неуставна и повторно ние ќе ги оспоруваме тие согласности – вели Иван Пешевски.