За време на вчерашниот говор на самитот на Арапската лига (АЛ), украинскиот претседател Володимир Зеленски обвини некои арапски лидери дека ги игнорираат ужасите од руската инвазија.
„За жал, има некои во светот и овде, меѓу вас, кои замижуваат пред оваа изнуда и незаконски анексии“, им порача Зеленски на шефовите на арапските држави и ги повика искрено да погледнат што се случува во неговата земја.
„Ве повикувам сите вас кои го цените мирот да се придружите на имплементацијата на оваа мировна формула и на тој начин да придонесете за намалување на непријателството, војните, страдањата и злото. Русија е слаба, ја тепавме кога имаше повеќе оружје во рацете. Нејзината агресивност не доаѓа од силата, туку од разбирањето дека времето на империите помина“, рече Зеленски.
Како добар пример за мировна формула од која другите, вклучително и земјите од Арапската лига, можат да имаат корист, тој ја наведе Црноморската иницијатива за житни култури, која и овозможи на Украина, важен извозник на жито, да продолжи да извезува на глобално ниво.