Новиот директор на Бирото за метрологија Авдуљ Селам Селами дознал дека метрологијата и метеорологијата се две различни науки дури откако неговата партија ДУИ го поставила за директор на оваа институција!
Во говорот по повод Денот на метрологијата Селами самиот сподели со јавноста дека до неодамна и самиот не знаел дека метрологијата не е наука за времето и временската прогноза, туку за мерењето и мерните инструменти!
– Метрологијата е наука за мерењата, метрологијата нема врска со временска прогноза во која што и јас, очигледно да ви кажам, до пред некое време грешев, мислев дека е наука за времето – рече Селами пред присутните.
Авдуљ – Селам Селами инаку е кадар на ДУИ и поранешен заменик-директор на УЈП. По професија тој е дипломиран правик, а негово прво вработување било инспектор во УЈП. Потоа беше заменик директор на Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, потоа бил заменик директор на Управа за јавни приходи, па член на Управен одбор на Клиниката за невролоија и член на Управен одбор на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје.
Инаку, Бирото за метрологија е одговорно за контрола на сите мерни инструменти во државата, располага со девет лаборатории преку кои се врши калибрација и тестирање на мерилата – водомери, струјомери, калориметри, но и бензински пумпи, ваги и слично.