Бугарски научници ја обвинуваат кандидатката за премиерка на земјата, Марија Габриел, дека лажела за својот докторат по политички науки за да стане европратеничка. Тие до бугарскиот портал Пик испратиле писмо во кое се загрижени дека ова ќе влијае на имиџот на Бугарија.
„Излегува дека во 2009 и 2011 година била докторка, а во 2023 година повеќе не е. Дезинформациите се повеќедимензионални. Од една страна пак се лажат бугарските граѓани. Надевајќи се дека ќе бидат управувани од нови, образовани и компетентни политичари, тие му веруваат на човек кој си дозволува директно да ги лаже, штом ќе влезе во политичкиот живот, да стекне кредибилитет врз основа на научниот престиж и искуство што го нема“, се вели во статијата.
„Постапката на г-ѓа Габриел ‘краде’ и од меѓународната доверба во Франција и угледот на нејзиното универзитетско образование. Таа, исто така, го девалвира статусот на жените на раководни позиции во Европската унија, давајќи негативен пример со своите механизми за раст на кариерата. Следните чекори во нејзината кариера се изградени врз основа на овој легитимитет и ги засегаат не само Бугарија, туку и европските граѓани. Нејзината работа како еврокомесарка влијаеше и на интересите на сите европски граѓани, бидејќи на лице кое си дозволи јавно да лаже, му беа доверени одговорни процеси кои ја засегаат целата ЕУ“.
Во написот се додава и дека Габриел со лажната диплома ги водела програмите Европа и Еразмус за управување со фондовите на ЕУ за наука и за образование.
„Каков ќе биде ефектот врз имиџот на Бугарија на меѓународната сцена, ако на чело на државата застане човек, кој ја измислил својата компетентност, врз основа на тоа му го украл авторитетот, кој очигледно го игнорира моралот во своите постапки?“, прашуваат науниците од франкофонската заедница во Бугарија.