Сојузот на средношколци соопшти дека Министерството за образование прифати 4 негови предлог-мерки за подобрување на менталното здравје на учениците и меѓуврсничкото насилство во училиштата.
Овие мерки, како што соопштија од сојузот се опфатени во деветтата и десеттата препорака на Владата.
Како најважна за нив е обврската за сите училишта да обезбедат просторни услови за стручните соработници со цел да бидат отворени за ученици и доколку имаат потреба учениците да можат да закажат и тет-а-тет средба со својот училиштен психолог како и подготовката на протоколот за дефинирање на новиот модел за работа на училишните психолози. Во подготовката на моделот ќе учествуваат и средношколци.
– Создавањето на протокол за дефинирање на новиот модел на работа на училишните психолози, односно истите да остваруваат тет-а-тет средби со учениците наместо да вршат административна работа е заложба на Сојузот на средношколци уште од мај 2021 година. Оттука, Сојузот позитивно реагира на одлуката за отпочнување на процес оваа наша визија да стане реалност – велат од сојузот на средношколци.
Оттаму ја поддржуваат и препораката на Владата за создавање на општински совети за превенција на детско претстапништво преку локалните самоуправи и Државниот совет за превенција на детско претстапништво.
– Во препораката јасно е наведено дека е потребно вклучување на Сојузот на средношколци во овие совети. Ние нотираме дека дел од општините тоа веќе го имаат направено, а истите вклучено претставници од Сојузот за членови во овие тела – велат од Сојузот.
Средночколците додаваат дека ќе продолжат активно да се вклучуваат во сите процеси сè додека се спроведе новиот модел на работа на училишните психолози – тет-а-тет средби со учениците.