Падна одлука, Православната охридска архиепископија (ПОА) конечно ќе се интегрира во Македонската православна црква (МПЦ-ОА).
Оваа информација, неофицијално, ни ја испратија извори кои се моментално присутни на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) во Белград.
Како што дознаваме, архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован од ПОА ја прифатил титулата митрополит крушевско-демирхисарски во МПЦ-ОА, но засега сѐ уште не е познато дали тој ќе ја задржи и титулата „поранешен архиепископ“.
Според нашите извори од Белград, актуелниот епископ брегалнички г. Марко од ПОА отсега ќе биде епископ делчевско-каменички во МПЦ-ОА, а актуелниот епископ полошко-кумановски г. Јоаким ќе биде епископ илинденско-дељадровски во МПЦ-ОА.
Единствениот викарен владика во ПОА, епископот стобиски г. Давид, ќе си остане викарен владика и во МПЦ-ОА, односно ќе му биде помошник на архиепископот г.г. Стефан. Неговата титула засега сѐ уште не е одредена, бидејќи во МПЦ-ОА веќе има еден епископ стобиски, г. Јаков.
Врз основа на договорот, владиците од ПОА сега треба да ги депонираат своите оставки во СПЦ, а оставките и новите договори ќе треба да ги потпишат српскиот патријарх Порфириј и архиепископот г.г. Стефан.
За брзо време се очекува да има барем едно заедничко сослужение на сите епископи и митрополити со новите титули.