Швеѓанката Лорин победи на Изборот за песна на Евровизија 2023 година со песната „Tattoo“.
Многумина коментираа дека во тоа и помогнале членовите на жирито.
Имено, таа од жирито доби вкупно 340 поени. Членовите на стручното жири од дури 15 земји и доделија на Шведска најголем број бодови и со тоа „ја одведоа до победа“.
По Лорин, најголем број поени од жирито и припадна на Израелката Ноа Кирел со песната „Unicorn“, вкупно 177. Финецот Каарија, чија победа на „Евровизија“ многумина ја посакуваа, доби само 150 поени од жирито. Публиката му даде дури 376 поени, додека Лорин доби многу помалку, 243 поени од публиката.
По прогласувањето на победничката, многумина ја критикуваа наклоноста на жирито кон Лорин, а покрената е и петиција за укинување на стручното евровизиско жири. Досега се потпишале повеќе од 5.000 луѓе.
Во објаснувањето зошто е покрената петицијата за смена на жирито, се истакнува дека за гласовите на жирито се дебатирало долги години. Тие, исто така, истакнале дека петицијата е покрената поради гласовите што жирито и ги додели на Шведска на овогодинешниот избор за песна на Евровизија, а кои не се во согласност, пишуваат, со поширокото јавно мислење.