Марта Стјуарт (81) е на насловната страница на новиот број на магазинот „Спортс илустрејтед“. Таа влезе во историјата како најстариот модел што се појавил на ваква насловна страница. Стјуарт откри како се подготвувала за снимањето и кои се малите детали од нејзиниот изглед гостувајќи во емисијата „Денес“.
Марта се фотографираше во костим за капење во Доминиканската Република.
„Да се биде на насловната страница на мои години е предизвик, но мислам дека добро го направив тоа“, изјавила таа во емисијата „Денес“.
Ѕвездата од насловната страница повторно е во центарот на вниманието, а со децении ја интригира светската јавност.
„Не се изгладнував, но не јадев леб и тестенини неколку месеци“, рекла Марта Стјуарт завчера во емисијата „Денес“, а потоа продолжила: „Порано одев на пилатес секој втор ден и тоа беше одлично. Сè уште одам на пилатес секој втор ден, затоа што е одлично и јас едноставно живеам уреден живот, добра исхрана, вежбање, нега на кожата…“.
Марта се заблагодарила и на генетиката за одличниот изглед, посочувајќи дека нејзината мајка секогаш на плажа носела само бикини. Зборувајќи за својата рутина, таа открила дека секое утро пие сок од зелен зеленчук.
„Мислам дека сите треба да размислуваме за добар живот, за успешен живот, а не за стареење. Сè во врска со стареењето е толку здодевно, знаете на што мислам“, порачала Марта Стјуарт, која тврди дека не направила пластична операција.
Марта Стјуарт е американска бизнисменка, писателка, готвачка, телевизиска личност, поранешен модел и осуден криминалец.
Таа ја основаше „Martha Stewart Living Omnimedia“ и имаше успех во различни потфати, вклучувајќи издаваштво, емитување, малопродажба и е-трговија. Авторка е на неколку бестселери и издавач на списанието „Martha Stewart Living“.
Пред 19 години Марта беше осудена по обвиненијата поврзани со случајот со тргување со акции на фармацевтската компанија „ImClone Systems“. Се шпекулираше дека тоа ќе стави крај на нејзината медиумска империја, но во 2006 година таа ја врати профитабилноста на компанијата. Таа повторно се приклучи на одборот на директори на „Марта Стјуарт Ливинг Омнимедија“ во 2011 година и стана претседател на компанијата во 2012 година.
ФОТО: Инстаграм