На претседателските избори одржани вчера во Турција, за актуелниот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган гласале 49,34 отсто од гласачите, покажуваат податоците од обработените 99,9 отсто од гласачките ливчиња, јави турската државна телевизија ТРТ.
За главниот ривал на Ердоган – Кемал Килчдароглу, кандидат на опозициската Национална алијанса гласале 44,99 отсто од гласачите. Разликата меѓу ривалите е нешто под 4,5 проценти.
Третиот кандидат на Алијансата АТА Синан Оган доби поддршка од 5,23 отсто од гласачите.
За да победи во првиот круг, кандидатот мора да добие 50 отсто плус еден глас. Вториот круг од претседателските избори треба да се одржи на 28 мај.
Уште трае пребројувањето на гласовите од странство.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ноќеска им се обрати на своите приврзаници од балконот на седиштето на неговата партија АКП во Анкара. Своето обраќање го започна со љубовна песна до своите обожаватели кои со часови го чекаа неговото обраќање.
Својот говор го започна со зборовите „некој е во кујната, а ние на балконот“, мислејќи на неговиот главен противкандидат Кемал Киличдароглу, кој за време на изборната кампања објави видеа од неговата скромна кујна.
– Иако не се пристигнати конечните резултати, значително водиме. Не ги знаеме конечните официјални резултати, чекаме да се изјасни волјата на нашата нација. Додека ги чекаме резултатите, решив да држете го традиционалниот говор однапред од балконот – рече Ердоган.
Би-Би-Си објави дека тоа е јасна сугестија дека, иако Ердоган не успеа да победи во првиот круг од изборите, тој верува дека ќе победи во вториот.
-Нашата нација одлучи. Не ни требаат нови изговори. Ќе ја видиме волјата на нашата нација кога ќе ги видиме конечните резултати – додаде тој.
Да потсетиме дека Ердоган од истиот балкон имаше говор и на претходните избори, на кои победи поубедливо. Би-би-си јавува дека Ердоган се чини дека води кампања за вториот круг од балконот, користејќи го фактот дека добил повеќе гласови од неговиот ривал во првиот круг.
Тој ги повика претставниците на неговата партија, АКП, да продолжат да го следат пребројувањето на преостанатите гласови.
– Не знаеме дали изборите се решени во првиот круг. Има уште гласови за пребројување – рече Ердоган.