Како што се наближува денот за објавување на резултатите од пописот, така се вжештуваат и реакциите од партиите и од јавноста околу нивната веродостојност

Lorita
By Lorita 9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Како што се наближува денот за објавување на резултатите од пописот (30 март), така се вжештуваат и реакциите од партиите и од јавноста околу нивната веродостојност.

Точката на вриење, пак, беше достигната со изјавата на првиот човек на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски, дека се плаши оти ќе стане државен непријател штом ќе бидат објавени резултатите од пописот.

За да биде уште посимптоматично, првиот вицепремиер Артан Груби истакна дека изјавите на директорот на ДЗС се за жалење и дека бројот на Албанците ќе излезе толку колку што треба да биде. Оттука, се поставува прашањето дали политичките партии во земјава веќе го знаат конечниот исход на пописот, но и како е возможно Груби сега да биде толку спокоен и да тврди дека бројот на Албанците ќе биде толку колку што требало да биде, а токму неговата партија ДУИ до неодамна се закануваше дека нема да ја признае статистичката операција доколку бројот на Албанците е помал од 20 отсто?!

Малку да се пошегуваме, хе-хе!

Бидете трпеливи уште неколку дена, па откако ќе излезат резултатите од пописот, тогаш ќе разговараме колку што сакате и за сѐ што сакате. Ова ни го изјави првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, откако го исконтактиравме за да го прашаме што поточно сакаше да каже со тоа дека ќе биде назначен за државен непријател по објавувањето на резултатите.

Апостол Симовски, ДЗС: И самиот реков дека се шегувам кога реков дека се плашам оти ќе бидам прогласен за државен непријател. Тоа никако не беше со цел да сугерирам некакви резултати. Ни случајно.

Тој нѐ замоли сега да не му поставуваме никакви прашања, оти ќе ги одговори по објавувањето на резултатите.

– Сега не е време за разговор. Гледате дека се злоупотребува секое зборче што ќе го каже човек. Се извртуваат зборовите и затоа сметам дека нема потреба да давам изјави сѐ додека официјално не бидат објавени резултатите од пописот. Сега немам коментар за ништо – кратко ни изјави Симовски.

Од друга страна, на Дојче веле денеска беше објавена негова изјава во којашто тој зборува токму за ова прашање.

– И самиот реков дека се шегувам кога реков дека се плашам оти ќе бидам прогласен за државен непријател. Тоа никако не беше со цел да сугерирам некакви резултати. Ни случајно. И тогаш, и сега, говорам во контекст дека секогаш имало незадоволни, бидејќи ова не ни е прво искуство. Овде секогаш има многу „експерти“ за сѐ, па и за попис. Да потсетам дека уште пред почетокот на пописот, луѓе нагаѓаа, лицитираа со бројки, коментираа дали е по стандардите на Евростат. Да, сѐ е по стандардите. Следени се сите елементи кои се дадени во методологијата за пописот, а таа е целосно усогласена со сите меѓународни стандарди. Нашата цел беше да направиме професионална статистичка операција. И направивме – изјавил Симовски за Дојче веле.

Дека ДЗС не е џубокс за исполнување желби, туку дека е институција која треба да направи реална фотографија за населението, смета поранешната директорка на Државниот завод за статистика, Благица Новковска.

- Advertisement -
Ad image

Пописот беше турбо собирање на единствени матични броеви и двојно попишување.

Благица НовковскаПоранешна директорка на ДЗС

„Апостол Симовски дал изјава дека еден месец по објавувањето на пописните резултати ќе бил државен непријател број еден?! Повторно ги потценува Македонците. Додека постои векот и светот, Македонците не треба да го заборават неговото име. И не биле џубокс да исполнуваат желби?! Тој не е џубокс, а ниту тие околу него, туку се прескапо платени алатки за демонтирање на статистичкиот систем граден од многу генерации статистичари“, напиша Новковска на Фејсбук.

Таа додаде дека голем број лица не се попишани, како и добар дел од домаќинствата.

„За оние кои разбираат статистика и можат да направат анализи и проценки, не се попишани повеќе од 350.000 лица – државјани, а и повеќе од 100.000 домаќинства недостигаат. Пописот беше турбо собирање на единствени матични броеви и двојно попишување“, посочи Новковска.

- Advertisement -
Ad image

Веќе сѐ ни е јасно!

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, најави дека партијата нема да му прости на директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, како и на другите кои учествуваат во фалсификатот на пописот и во разградувањето на македонската држава.

Крмов рече дека, судејќи по изјавите на Симовски дека очекува да биде прогласен за државен непријател, пописот дефинитивно ќе биде фалсификуван.

– Пак ќе кажам, затоа што еве, и Апостол излезе и вели дека ќе бил непријател број еден, со тој врзан потпис што го има со тој директорот од ДУИ. Значи, кој знае какви ќе бидат резултатите. Ние стравуваме дека ќе има вештачко поместување на етничките граници за поголема моќ на албанските партии, конкретно на ДУИ. И еве, Апостол Симовски, како најодговорен, ние неколку пати кажавме, ние ќе дојдеме по тие луѓе коишто учествуваат во растурање на државноста на Република Македонија. Ние ова не го простуваме – изјави Крмов.

Борислав Крмов, Левица: Ние стравуваме дека ќе има вештачко поместување на етничките граници за поголема моќ на албанските партии, конкретно на ДУИ.

Конкретно, Крмов откри дека во Заводот за статистика имало експерти од надвор и имало технолошки можности првични резултати од пописот да бидат објавени веднаш откако тој заврши, минатата есен. Долгото чекање од октомври до март, според него, е јасен показател дека резултатите биле местени, со цел бројот на Албанците вештачки да се зголеми.

Големи сомневања околу веродостојноста на пописот изразија и други партии.

И според министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП, Горан Милески, нејасно е зошто дури седум месеци биле потребни за да се обработат податоците, иако пописот се реализираше електронски.

Пратеникот и претседател на Демократски сојуз, Павле Трајанов, пак, се сомнева дека Симовски со својата изјава дека ќе биде прогласен за непријател, најавува дека ќе има податоци кои не се вклопуваат во реалната состојба во државата. Тој додаде дека е можно да има реакции од сите етнички заедници и тоа да предизвика поларизација во општеството и стабилната меѓуетничка состојба во државата да се наруши.

Партиите ќе делуваат откако ќе ги дознаат резултатите

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека изјавата на Симовски е подготовка за политички маневар, но ќе ги чекаат официјалните податоци па потоа ќе коментираат.

И додека ЛДП јасно кажува дека процесот на попишување фрла сериозен сомнеж за нерегуларности, партијата на Али Ахмети веќе се изјасни дека нема да го признае пописот само ако Албанците се под 20 отсто.

Од Алијанса на Албанците остануваат воздржани околу ставовите за пописот. Од партијата за Плусинфо велат дека прво ќе ги почекаат резултатите, па потоа ќе се изјаснат.

Ромите очекуваа да се покаже дека се 100.000 во Македонија, односно 4 отсто. Од Партијата на Турците, пак, велат дека нема да ги прифатат бројките доколу бидат под 7 отсто од вкупното население.

Следната недела веќе треба да бидат објавени податоците од септемврискиот попис кој неколкупати беше одложуван поради изброните циклуси, прегазени рокови и бурната собраниска расправа. Статистичката операција која доцни цели 20 години треба конечно да ја даде бројката на вкупното население, но и поделбата по етнички заедници, кое беше клучна графа во целиот процес.

Share This Article