Средношколец од гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип вчера на социјалната мрежа „Инстаграм“ објавил текст со заканувачка содржина. Случајот го потврди СВР Штип од каде информираа дека тој е приведен, затоа што е полнолетен.
– Полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода 18-годишниот Б.Д. од Штип, бидејќи во 12:18 часот од гимназијата во Штип, каде тој е ученик, било пријавено во полиција дека на неговиот профил на Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот – соопшти СВР-Штип.
Директорот на училиштето Марјан Арсов денеска во изјава за медиумите рече дека службите во училиштето разговарале со ученикот и со неговите родители.
– Во текот на вчерашниот ден добивме дојава дека на социјалните медиуми од еден ученик има закана. Тоа кај нас го вклучи алармот и како директор и училиште ги презедовме сите мерки што ни се на располагање. Беше повикана целата служба и родителите на ученикот и се разговараше на таа тема – изјави Арсов.
Според него, настава има во двете смени.
– Апелираме до родителите совесно да ги пуштат децата на училиште и дека сѐ ќе биде во најдобар ред – рече Арсов.
Ова е прва ваква објава на социјалните мрежи од ученик во Штип.
Фото: МИА