Во договорот со „Бехтел и Енка“ не е ставена сума на чинење на изградбата на коридорите 8 и 10 д, туку тоа е претпоставена сума од физибилити студијата, информира денеска првиот заменик премиер Артан Груби.
Тој рече дека објавната цена на чинење ќе биде 1,3 милијарди евра, ако се реализира по променетите закони или 1,5 милијарди евра ако се реализира според сегашното законодавство.
– Има физибилити студија која има цени на градба, а во договорот нема конкретна цена за изградбата на коридорите. Ние одлучуваме колку ќе не чини секој дел од проектот Сумата е претпоставена според физибилити студијата и се однесува на систем „клуч на рака“ беа парите за експропријација – рече Груби.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информира дека проектот ќе се гради фазно и тоа почнувајќи од проектирањето до целосна изградба.
-На 12 мај ќе почнат истражувањата на теренот за да го почне проектирањето на автопатите. На двата автопати ќе се врши прво проектирањето кое треба да го одобри Јавното претпријатие за државни патишта, па потоа ќе се реализираат другите фази од договорот – појасни Бочварски.
Тој додаде дека прокетнтата документација ја подготвува фирма ангажирана од градителот, но државата ќе го контролира и одборува проектот.
Тој појасни дека со предлог-измените во Законот за урбанистичко планирање се врши предвидување нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработка, постапка со донесување и спроведување на овој урбанистички проект. Разликата од стандардната процедура во однос на овој урбанистички проект за градби од стратешки интерес е тоа што роковите за постапување на институциите и прибавување на целата потребна документација и информации се многу пократки заради брзата реализација на терен.
-Нова измена е што комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес се доставува во Влада и Влада го донесува урбанистичкиот проект или може да не го усвои тој урбанистички проект. И пак ќе повторам, оваа постапка се однесува само за градби од јавен интерес, од национална важност кои се утврдени со посебен закон или со одлука на Влада. Во однос на Законот за градење прифаќаме нов модел на фазна градба каде на изведувачот му даваме право во исто време да проектира и веднаш потоа да гради. Измените на овој Закон го олеснуваат тој процес и ја забрзуваат градбата. Целта на измените е да се овозможи ефикасна градба и ставање во употреба на државните патишта, железничките пруги, магистралните гасоводи, енергетските градби, како и други инфраструктурни градби утврдени како градби од јавен интерес согласно закон или согласно одлука на влада – рече Бочварски.
Тој повтори дека како и во сегашниот закон и со измените се запазуваат сите фази на градењето. Изведувачот изготвува комплетен основен проект со сите фази, како и сега, и тој проект мора да биде потврден со позитивна ревизија. Аспектот на сеизмологија е запазен преку добивање на мислење од надлежен Институт за сеизмологија. Само така изведувачот со претходно одобрен урбанистички проект ќе може да влезе на трасата и да гради по изведување од страна на инвеститорот, односно ЈПДП.
-Единствената разлика е во тоа што временски ја намалуваме административната постапка, бидејќи инвеститорот ќе може да почне со фаза градба во поодделни делови од една делница кои се со решени имотно правни прашања. Тоа е важно и дека на крајот на изградбата кое што сакам да го потенцирам е дека Министерството за транспорт и врски како надлежен орган дава одобрение за употреба, но претходно мора да се направи технички преглед и да се утврди дали градбата е изградена во согласност со проектот и тој проект да е заверен од страна на надзорен инженер со пропратна ревизија. Ако се е во согласност со проектот се издава дозвола за употреба за тој автопат, пруга или гасовод. Јас сум сигурен дека со овој модел ќе постигнеме оптимални резултати во изградбата и модернизацијата на инфраструктурната мрежа – рече Бочварски.
На прес-конференцијата во Владата се и вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и министрите за финансии, за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Благој Бочварски, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, како и заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин. Присутна е и директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска.