Информацијата дека речиси 45.000 работници два месеца годинава не добиле плата ги активира синдикатите и невладините организации кои се борат за правата на работниците. Но, владата молчи пред фактот дека законите и уставните начела во државата и натаму се кршат.
Синдикатите и невладините се загрижени и од фактот дека освен што не се исплаќа плата, се дава и плата под минималната, што законски не е дозволено. И сето тоа незабележано поминува низ системот на Управата за јавни приходи, што не би требало да се случува. Тие тврдат дека работодавците измислуваат најразлични начини да протнат плата пониска од дозволената, или воопшто да не ја исплатат, а да ги платат само давачките кон државата и да бидат мирни.
Тие бараат да се подобри системот на плати на УЈП, за да може прво да се види дали платата легнала на сметка на работниците, а потоа дали се платени и придонесите кон државата.
Експертите ги предупредуваат работниците: Не чекајте некој друг да се бори за вашите плати!
Експерти, пак, тврдат дека непочитувањето на уставните начела и законите е одговорност на Владата и таа треба да преземе мерки ваквата практика да не се повторува. Потребно е зајакнување на инспекторатите, за да не можат да се правдаат за неработењето со тоа дека немаат кадар. Но, одговорност да се борат за своите права имаат и работниците кои одбиваат да се организираат и очекуваат некој друг да се избори за нивните права.
– Кога се има превид исплатата на пониска плата од минималната, или неисплаќање на платата, Законот за минимална плата ја утврдува постапката на надзор и таа му е дадена на Инспекторатот за труд. Колку тој ја извршил својата задача и дали има капацитет тоа да го стори, е посебно прашање. Но, владата не може да стои настрана од проблемот и да молчи, бидејќи тој орган е нејзин и одговорноста за спроведување на законите е нејзина. Таа е одговорна и со тоа што не го решила проблемот и го оставила Инспекторатот со недоволен кадар и без контрола. Според тоа, ако Владата вели дека го почитува уставот и законите, еве има прилика да го докаже тоа и со спроведување на законите поврзани со платите на работниците и да спречи работодавците да не исплаќаат плата или исплаќаат пониска од законската – вели професорот Здравко Савевски.
Тој додава дека колку што имаат спектар од средства работодавците да ги заобиколат законите, толку и работниците имаат спектар од средства тоа да го спречат, но треба да имаат желба тоа да го сторат.
– Основно е организирањето за да се спасат правата. А тоа кај нас во старт е слабата алка, бидејќи работниците од најразлични причини не се организираат и чекаат правата да им ги брани друг. Според мене, неморално е друг да се бори за твоите права. Тоа значи дека работниците треба самите да е борат за нив и да се организирани. Можат да ги информираат синдикатите или најразлични невини организации, а законска можност им е да пријават во Инспекторатот за труд, или да тужат. Но, треба да сакаат да се изборат за своите права – вели Савевски.
Според него, синдикатите можат да помогнат работниците да се изборат за своите права.
– Од своја страна, синдикатот не може да реагира, ако нема информации. Но, синдикатите имаат можност овие информации да ги добијат од работниците и од УЈП и потоа да реагираат – вели тој.
Синдикатите категорични: Ако државата нема интерес за платата на работниците, не треба ни да постои!
Од Сојузот на синдикатите велат дека државата не смее да дозволи платата да не легне на сметката на работниците. Тие бараат да се подобри системот на исплата на плати во Управата за јавни приходи.
– Државата, односно УЈП, треба прво да види дали платата легнала на сметките на работниците, па дури потоа да се грижи дали работодавецот ги платил придонесите. Практиката покажа дека на работодавците им е дозолено во законскиот рок да ги платат минималните придонеси, односно да го дадат она што ѝ следува на државата, а дали ќе ги исплатат платите, за тоа никој не се грижи. Па така, имаме најразлични малверзации од работодавачите. Тоа е практика која уште ја има во земјава, иако велиме дека се бориме за уставност и за законитост. На работникот, меѓутоа, не му е важно само да му се плати придонесот за здравствено и за пензиско осигурување, бидејќи тој треба и да живее, а платата му го овозможува тоа – вели Иван Пешевски од ССМ, кој е претседател на Синдикатот на градежници.
Тој додава дека Инспекторатот за труд е задолжен да го следи спроведувањето на законите, како и оној за минимална плата, но вели државата е таа која не треба да дозволи работниците да се остават без плата за која работат, а тоа е најлесно да се види преку системот за исплата на плати во УЈП.
Ако државата не ја интересира дали еден работникот зел плата, тогаш државата треба да се укине, бидејќи не е нормално да се дозволи за два месеца 45.000 работници да не добијат пари за егзистенција.
И Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ на Денот на трудот изјави дека не ѝ е јасно зошто низ системот на УЈП сè уште се дозволува да поминуваат плати кои не се исплатени или плати кои се под дозволениот државен минимум. И таа им забележа на работниците дека предолго чекаат да поткренат постапки против работодавците кои манипулираат со платите и затоа најчесто остануваат без плати.
– Проблематично е што работниците чекаат, не ги искористуваат роковите. Проблематично е тоа што на крајот остануваат без неколку плати, фирмата оди во стечај, во ликвидации. Секакви форми смислуваат, а на крајот работниците се тие коишто остануваат оштетени. Затоа и апелот е да не чекаат, плата се пушта до 15. наредниот месец, придонесите заедно со тоа. За жал, системот на УЈП сè уште дозволува доцнење на плата, сè уште дозволува исплата под минималец – вели Ампева.
Од УЈП инсистираат на тоа дека не поседуваат информации за поединечната висина на платите на работниците, бидејќи работодавците платата ја исплаќаат од една сметка на сметките на работниците. УЈП само ги контролира уплатите на придонесите и даноците, а обврска да се справи со незаконското однесување кон работниците е на Државниот инспекторат на труд.
За УЈП е важно дали се платени придонесите, е не какви плати добиле работниците
– При изготвување на пресметката за интегрирана наплата, (МПИН) работодавачот (односно обврзникот за пресметка и уплата) има обврска да го усогласи начинот на пресметување на придонесите и данокот на личен доход согласно закон. Прифаќањето на точните податоци од МПИН пресметката, се врши со доделување на Фолио број при што се издава Декларација за прием со прифаќање на податоците и збирен налог за плаќање на плата на товар на сметката на еден налогодавач, а во полза на повеќе примачи – Образец ПП53. Социјалните придонеси и персоналниот данок од плата претставуваат задолжителни давачки од плата кои работодавачот има обврска да ги пресмета и уплати при исплатата на нето платата. Исплатата на платата од 01.01.2009 година задолжително се врши преку единствениот неделив налог за плаќање ПП53 издаден од Управата за јавни приходи. Согласно Законот за даночната постапка Управата за јавни приходи ја утврдува и контролира наплатата на придонесите кои доколку не се исплатат во законски предвидениот рок односно до 15 во месецот за претходниот месец врши присилна наплата – појаснуваат од УЈП.
Оттаму додаваат дека секој обврзник што поднесува пресметка за плата преку системот за интегрирана наплата, е должен до 15-ти во месецот за претходниот месец да изврши уплата на сите придонеси и данок од личен доход.
– Во однос на тоа дали платата е реална или не, надлежна институција е Државниот инспекторат за труд, бидејќи Управа за јавни приходи врши контрола и наплата на придонесите и данокот на личен доход, а за повредите кои настануваат од одредбите од Законот за работни односи надлежен е Државниот инспекторат за труд – велат од УЈП.
Управата за јавни приходи, додаваат оттаму, секој месец согласно Договорот за размена на податоци и соработка со Државниот инспекторат за труд, доставува податоци за даночните обврзници кои не поднеле МПИН пресметки, податоци за даночни обврзници кои не извршиле уплата на придонесите во законскиот рок и податоци за даночни обврзници кои извршиле уплата на плата пониска од минималната плата.