More

     Потрага по корените на Горан Стефановски: „Домот е таму каде што боли“

    spot_img

    Корените на родот на Горан Стефановски се од селото Ербеле, во денешна Албанија

     Иван Антоновски

     „Сè се движи. Птиците и јагулите, заедниците и поединците, атомите, молекулите. Постои миграција, во простор и време, ширење и мешање и повторно мешање на култури и форми и идеи. Тоа е суштинско нешто: метаморфоза, трансформација, спогодување и адаптација. Тоа е животот. Хенинг Манкел еднаш напишал: ’Може да имате повеќе од еден дом. Можете да си ги понесете корените со себе, и да решите каде ќе растат’.“

     Оваа е една од пораките на Горан Стефановски во неговиот тестаментален есеј „Искрата што се измолкнува“. Една од неговите пораки кои со секое навраќање кон овој текст, одново ме поттикнуваат на размисли за корените, за домот, за животот… Оти со неа како да е кажано и нешто што е скриено зад напишано. Затоа ме поттикна и на размисла за неговите корени. Од каде се корените на Стефановски? Оние што биле понесени да растат во скопското, Гораново и наше Дебар Маало каде неговиот дедо Стрезо изградил семејна куќа. Онаа во која се случува една од приказните преку кои Горан го претставуваше својот личен идентитет – со сеќавањето за куќната слава Свети Никола, во домот на баба му Алтана и дедо му Стрезо, кога таму, заедно со неговото семејство се и чичковците Круме, Иван, Миле и Ристо, стрините, братучедите, соседите и пријателите. Дали во она што е кажано, ама скриено зад напишаното во овој дел од „Искрата што се измолкнува“ има и некоја интимна, семејна историја за миграцијата во просторот и времето?

     Каде е домот на Стефановски што му претходи на оној во Дебар Маало? Оти нели: „домот е таму каде што боли“… Дали носењето на корените со себе од едно до друго место е дел од генетскиот код на Стефановски, па затоа беше една од тематските преокупации на нашиот Горан и пред да започнат неговите лични преселби? Дали затоа клучни ликови во драмата „Тетовирани души“ се именувани Стрезо и Алтана, а покрај нив е и ликот Војдан, именуван со името на книжевниот татко на Горан – Чернодрински? Дали преселбите и потрагата по „дома“ се судбинско наследство на Стефановски од една на друга генерација, па затоа и за своите лични селидби, Горан чувствуваше потреба толку многу да пишува и запишува?

     На дел од овие размисли, се чини ме поттикна и самиот Горан, со некои од претходните свои дела и кажувања, како што е и писмото до неговата внука Калина, во кое напиша: „Сè е твое! / И строгата и проста македонска песна / На твоите предци знајни и незнајни / Везот дебарски на Атлана и каменот ѕидарски на Стрезо / И тие сега се твои / И претставите што ги режираше прадедо ти Мирко / И улогите во кои играше прабаба ти Нада / Твоја е магијата на чичко ти Влатко, ем електрична, ем акустична / Сè е твое!“ И во тестаменталниот есеј „Искрата што се измолкнува“ сподели: „Дедо ми Стрезо беше мајстор ѕидар, кој во времето на Првата светска војна минал седум години како печалбар во Влашка, во денешна Романија. Тој беше човек што, како сите мажи од неговата генерација, бил печалбар, и потоа се вратил дома и ја изградил семејната куќа во која се родил татко ми.“ Заради дебарскиот вез на Алтана и ѕидарскиот камен на Стрезо кои сега се на Калина, потрагата по разрешницата на дилемите се чинеше дека треба да се насочи кон дебарскиот крај. И очекувано, оти скопското Дебар Маало е настанато во првите децении на XX век кога на неговиот простор се населуваат Македонци прогонети од Дебарско Поле, кои своето ново место на живеење го нарекле според името на етнографскиот предел од каде што дошле. Самиот Горан има запишано дека првата куќа во Дебар Маало најверојатно е изградена од Танче млекарот во 1910 година, а дека меѓу неа и Офицерскиот дом имало само едно пусто поле, па во зима, луѓето навечер се враќале во групи за да не ги изедат волци. Но на која страна на денешната граница да се насочи потрагата по местото од кое корените на Стефановски се понесени во Дебар Маало – македонската или албанската?

     Патоказот ми го покажа сопругата на Горан, Патриша Марш Стефановска, со информациите споделени во 2020 година, токму на неговиот роденден – 27 април. „Баба му Алтана и дедо му Стрезо биле од Ербеле, сега селото Херебел во Албанија, преку планината карши манастирот Св. Јован Бигорски, каде што оделе за манастирската слава секоја година. На Горан особено му значеше тоа што важен старословенски средновековен ракопис е најден во селската црква, што докажува дека селото имало значајно словенско православно наследство. Го посетивме Ербеле пред неколку години и ги видовме урнатините на куќите на Алтана и на Стрезо. Дедо му бил прогонет од селото, гол…  …Во Скопје дошол со помош на сонародници од родниот дебарски крај. Бил мајстор-ѕидар и ја изградил една од првите куќи во Дебар Маало. Иако Горан е роден во Битола, каде што татко му Мирко бил директор на театарот, имал две години кога семејството се преселило во Прилеп, каде што е роден брат му Влатко (Владимир – заб. моја). Ми се чини, Горан имал десетина години кога дошле во Скопје…“

     И така, потрагата започна – не само по селото Ербеле (денес: Хербел, како што селото било именувано и во текот на османлиското владеење на Балканот), кое денес е дел од општината Маќелара во Албанија, туку и по приказната за предците, за Стрезо и Алтана и за нивната преселба – онаа приказна заради која се чини Горан размислуваше за миграцијата во просторот и времето и пред лично да ја искуси.

     Пред мене го имам семејното стебло на Стефановски, исцртано и испишано од еден од чичковците на Горан – легендарниот македонски театролог и основач на Драмскиот театар во Скопје, Ристо Стефановски. И сфаќам дека приказната не започнува со Стрезо и Алтана, туку има нешто што ѝ претходи на нивната миграциска одисеја – семејното дрво упатува кон Стефан, прадедото на Горан и Влатко Стефановски.

     „Ние сме родени во село Ербеле, 10 километри северозападно од градот Дебар. Куќата наша се наоѓаше на местото наречено Черици, со поглед кон гумното, во маалото Паливје… …Дедо ми мој, Стефан бил гурбетчија во Стамбол и во Бугарија, каде што ги водел и своите деца Стрезо и Боге (првиот роден во 1888 година – заб. моја). А имал и две ќерки, Ана и Славка, кои со баба ми Султана чекале да се вратат гурбетчиите, секоја година. Оти иделе на есен, а оделе на пролет, кога ќе се испиело виното и ракијата и кога ќе се потрошело зајрето, и се чекало ново орање, ново сеење, ново жнеење и нови приходи од земјоделието. А печалбариве оделе на печалба во Турција и во Бугарија да донесат пари за егзистенција на фамилијата на дедо ми Стефан. Кога на дедо ми му нараснале децата Стрезо и Боге, тогаш со него ги водел на печалба и ги учел на мајсторлук – ѕидарија, камен… Дедо ми бил специјалист за ѕидање од камен и го ѕидал кејот на Дарданели со мајстори стружани коишто биле специјалисти за камен. Тие го научиле за ѕидање на каменот. Но, дедо ми, по две-три години печалбарска работа рекол: ’Деца, јас веќе не можам да одам на печалба, ќе ојте вие двојца’. Татко ми Стрезо и стрико ми Боге – едниот бил околу 18-19 години, другиот бил 16-17 години. Оделе, печалеле и наесен се враќале.“

     Ова го дознавам од кажувањето на еден од чичковците на Горан – Круме, роден во 1926 година. Од разговор меѓу Горан и него снимен во 1989 година, кој денес е дел од приватната архива на нивните потомци. И сфаќам – најверојатно од овде, од овие печалбарски саги на родот Стрезовски, кој презимето Стефановски во чест и спомен на Горановиот прадедо Стефан го има по преселбата на Стрезо и Алтана во Скопје, започнува и творечката посветеност на Горан на прашањата за заминувањето во туѓина за да се обезбеди егзистенција, но и на прашањата за враќањето… Дома! Се чини преку своите драми, со дел од своите драмски ликови, некои и именувани со имиња на неговите предци, Горан ги бараше одговорите и на прашањата кои за него се и лични – поврзани со семејните приказни. Како преку своето творештво да сакал барем за себе да разреши дел од дилемите за она што е судбински врежано во неговата ДНК. Онака како што во неговата најверојатно најпозната драма „Диво месо“, според кажувањата на неговата сопруга Патриша, тој всушност ги пренесува и интерпретира искуствата на својот татко и на своите чичковци од периодот непосредно пред и во текот на Втората светска војна… 

     И затоа и се запрашувам колку од неговите драмски ликови, покрај тоа што некои ги имаат нивните имиња, како карактери, во себе ги содржат видувањата на Горан за неговите предци, за нивните постапки и за нивните приказни? Колку во репликите на неговите ликови има зборови кои Горан им ги припишува и на предците или зборови кои би сакал да ги сподели со нив како размисла?

    Како во просторот на Дарданели, онаму каде што се делат Балканот и Европа од Азија, а каде што се поврзуваат Егејското и Мраморното Море – просторот на кој прадедото на Горан, Стефан градел и учел занает, зад текстот да започнуваат миграцијата во простор и време, ширењето и мешањето и повторното мешање на култури и форми и идеи во опусот на нашиот Горан. А продолжуваат со миграцијата од животната приказна на Стрезо и Алтана.

    На снимката од 1989 година, неговиот чичко Круме, во разговорот со Горан, продолжува да раскажува: 

     „Во тоа време немало автобуси, немало авиони, се одело со кираџии, со коњи… Кираџиите ги носеле гурбетџиите до местото каде што имало работа. Првото тромесечие, пролет, после Поклади ќе се покладеле и ќе оделе на печалба. Второто тромесечие доаѓале кираџиите со втората група гурбетчии. Тогаш се праќало писмо по кираџиите кои доаѓале со коњи. Се праќале пари – монети само во злато, зашто во нашиот крај дебарски не важеле ни бугарски левови, ни српски динари, ни турски грошови… Се праќало злато, а у Дебар, златото го менувале поедини сарачи, коишто биле добри трговци и кои ги знаеле курсовите. Затоа у Дебар се збори: ’Ако се запали Стамбол, Дебар ќе го изгради со злато’. Толку имало злато од тие кираџии. Нашата околија беше од 15 села рисјански. Кога била Првата балканска војна во 1912 година, па кога почнала Првата светска војна во 1914 година. И тогај, печалбарите не ишле преку Скопје за Дебар, него ишле од Романија и Бугарија на Дунав, па на Србија, на Белград, па на Риека и со параходи до Драч… Од Драч, пешки, со коњи, доваѓале… Така траело до 1914 година, кога е роден брат ми Иван. Кога се родил тој, татко ми Стрезо заминал со параход од Драч, преку Аустроунгарија се нашол во Романија. Преку Бугарија им било страв да одат. Оделе со возои и со параход. Во Романија имало од нашето село неколку фамилии. Тие од нашето село што биле таму ја прифатиле фамилијата Стрезовци – татко ми Стрезо и стрико ми Боге. Тогаш војната била во ек, во Македонија…“   

            Токму тогаш, со тоа заминување на Стрезо и Боге во Романија се чини дека започнува да се случува она што го поттикнуваше Горан на рамисли и дилеми кои ги носеше во себе со клучен одраз врз неговото драмско и есеистичко творештво. Одраз кој допрва ќе го согледуваме…

    Според белешките на Горан од разговорот со неговиот чичко Круме, двајцата гурбетчии од родот Стрезовски, во Романија биле на печалба во Турну Мугуреле – градот близу кој претходно, во 1848 година е започната Влашката револуција. Таму, во летниот период работеле како ѕидари, а во зима воделе продавница за млеко и слатки. Кога Првата ветска војна е речиси завршена, во 1918 година, двајцата браќа од родот Стрезовски се вратиле во Ербеле и отвориле меана и фурна за леб во Пешкопеја (на македонски, локално: Пискупија, средовековно име: Пресоленград) – град во денешна североисточна Албанија и административен центар на областа Дебар, кој до почетокот на XX век бил населен од значаен број Македонци.

    Но, една година потоа, во текот на велигденските празници се случува она што ја одредува судбината на Стрезо и Алтана – она што ги поттикнува да ги понесат корените со себе за да растат во скопското Дебар Маало. Поконкретно, во 1919 година, на Велика Сабота, кога Стрезо се враќал од Пешкопеја во Ербеле, на местото викано Ќенок го пресретнале тројца вооружени качаци и му наредиле да се симне од коњот. „Му украле сè, до гаќи. Коњ, пари, сè.“ – запишал Горан. Сè освен душата, би дополнил… Се запрашувам: дали оваа клучна епизода од животот на Стрезо на која од кажувањата на Горан се сеќава и неговата сопруга Патриша е онаа што Горан го поттикнуваше толку многу да размислува за смислата на печалбарството? Која и каква е смислата, ако на крајот повторно си гол, по години одделеност од блиските и од оној – првиот дом. Ама и која е смислата ако на печалбарството се гледа само од позицијата „на крајот на светот“?

    „Тука (по грабежот – заб. моја) помогнал некој Албанец од село Ербеле, кој го знаел Стрезо и фамилијата. Го зел Стрезо во Ербеле, го облекол и му дал да јаде. Пратиле порака до Стефан (таткото на Стрезо, прадедо на Горан – заб. моја) да си го земе синот. Стрезо отишол дома во туѓи алишта.“ – запишано е во белешките на Горан. Според Спиро Дука, посветен истражувач на Ербеле кој ми испрати и дел од материјалите за селото и за родот Стрезовски, ова покажува како селаните од овие области, иако од различна вера, си помагале едни на други во одредени моменти и создавале пријателства, кои траеле со генерации.

    Ама, болката не можела да се залечи – според Горановите белешки, Стрезо паднал болен и четири недели не станал од кревет. „Му рекол на Боге сè да распродадат во Пишкупија и да се отселат.“ 

    Сè повеќе сум сигурен дека оваа приказна за Стрезо е една од оние на кои Горан мислеше кога ни порачуваше дека приказните се срж на нашиот живот и столб на нашиот идентитет. Затоа што токму оваа приказна е онаа што го одредува натамошниот живот и дел од идентитетот на Стефановски – не само на Стрезо и Алтана, туку и на Горан и на сите нивни други потомци од родот Стрезовски. И тоа не само семејниот, туку во еден дел и личниот.

     Ама не можам, а да не помислам на Стрезо од „Тетовирани души“ за кој на сцена не се знае дали е жив или мртов. Колку во него е некој дел од Горановиот дедо? Или од Горановото доживување за својот дедо? Исто толку и на Алтана која на сцена вели: „Не се живее вака. Милиони живеат во бункери, ѕиркаат надвор низ нишан од снајперки. Нема живот ако човек мисли дека сите се против него, дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме само ние сме раселени. Сиот свет е раселен. На сите нешто им недостасува. Сите мислат дека се на крајот од светот. Земјата е тркалезна, каде и да тргнеш, секогаш си на раб… …Каде води тоа? Ако е така, тогаш нема спас. А, без спас нема живот. А, без живот нема ништо. Има смрт.“ Се запрашувам: како ли Горан го толкуваше и како интимно го доживуваше заминувањето на Стрезо и Алтана од Ербеле во Скопје? Дали меѓу тие добри луѓе кои ги споменува Алтана од „Тетовирани души“ е и Албанецот кој му помогнал на Стрезо од Ербеле? Колку она што за преселбите го говорат неговите ликови е она што Горан го потиснувал во себеси со размислите за приказната за своите предци? А го искажуваше меѓу редови во дел од своите есеи…

     Во потрагата по корените на Стефановски, од белешките на Горан се дознава дека решеноста на неговиот дедо Стрезо да замине била цврста, иако мигрирањето не било лесно. Горан запишал дека пред заминувањето во Скопје, во 1919 година, кога српската војска влегува во Ербеле и врши стрелба на продор до Пешкопеја, Стрезо е вратен во селото, во тој период именувано Миланово. Колку била силна неговата решеност да го напушти Ербеле говори и фактот што тогаш, како што пишува Горан, во Дебар „фатил врски со началници“ за да замине во Милановац, во Србија, каде престојува една година, заедно со еден од браќата на неговата сопруга Алтана – Гиго, односно Глигур.

     Емигрирањето на Стрезо и Алтана Стефановски, тогаш сè уште Стрезовски се случува есента 1920 година. Барем она физичкото емигрирање… Затоа што емиграцијата со мисла и душевност, барем ние не можеме да знаеме дали се случила и претходно или дали и воопшто некогаш се случила. Како што запишал Горан, по четиридневен престој во Дебар, со коли брчки, Стрезо и Алтана заминуваат во Гостивар, а од таму со мал воз пристигнуваат во Скопје – онаму каде што патот ги води во Дебар Маало. Онаму каде што ги носат своите корени за да растат – таму каде што во куќата изградена од Стрезо, во 1921 година се раѓа и таткото на Горан, познатиот режисер и актер, Тихомир (Мирко) Стефановски (1921-1981). Таму каде што Горан, престојувајќи во таа куќа го засака Скопје, а токму тоа маало за него стана центарот на светот. Или барем на неговиот интимен, личен свет. Затоа што како што запишал во еден свој напис од 1985 година, за него Дебар Маало е/беше „светско чудо како египетските пирамиди и кањонот Короладо“. Но и дека за него, Дебар Маало е/беше „највисок степен во човековиот развој“.

     Во тоа Дебар Маало, во куќата која во шеесетите години на минатиот век била на ул. „Орце Николов“ бр. 124, на близу 300 метри од и денес култната „Идадија“, Стрезо и Алтана останале до своето упокојување – Стрезо во 1967 година, а Алтана безмалку една деценија потоа, во 1976 година. За потоа да продолжат во различни форми да живеат во творештвото на својот внук, Горан.   

     Не можам, а да не се запрашам: дали оваа приказна за Стрезо и Алтана од првите децении на XX век не се повтори на крајот на векот, кога во 1992 година, разочараноста од средината и неизвесноста во живеачката го мотивираа семејството на Горан Стефановски да замине од Скопје и Македонија? И во годините потоа, кога тој ја напиша драмата „Казабалкан“ посветена на неговите Патриша, Игор и Јана.  За во 1998 година, и тој да замине со нив и постојано да бидат во нераскинлива врска со овој простор – и овде, во Македонија, и таму, во Британија, кога како што велеше Горан, домот ти станува туѓина, а во туѓина си странец. „Тешко е кога човек е странец во странство. Но уште потешко е кога човек е странец дома. Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога т’гата не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ja препознае домата.“ – думаше нашиот Горан.

     Дали селидбите се дел од идентитетскиот код на секоја генерација Стефановски? Па и на семејството на Горановите родители – режисерот и актер, Мирко и актерката, Нада, кои удирајќи ги темелите на современиот македонски театар морале да се селат од една до друга тетарска сцена – од Скопје во Битола, па во Прилеп, за потоа повторно да дојдат во Скопје. Она Скопје во кое со своето сеприсуство во нашето секојдневје се враќа и Горан по неговото физичко заминување (иако се чини никогаш и не го напушти вистински…). Ама и дали во поинаква форма, таа судбинска приказна не се отсликува и преку селидбите на семејството на Игор – синот на Горан и Патриша, правнукот на Стрезо и Алтана? А со тие селидби не се отсликува ли и врз животниот пат на Калина и Јавор – двајца од тројцата внуци на Горан? Родени во Брисел, а детството им минува во Албанија – државата во која сега се наоѓа родното село на нивните чукундедо и чукунбаба, па во Црна Гора, па повторно во Брисел и во моментов во Белград, во Србија. Во градот во кој се одржува БИТЕФ, театарскиот фестивал со кој нивниот дедо Горан велеше дека растеле тој и неговата генерација, но и градот во кој тој, четири месеци пред физички да замине од овој свет, на сцена, како беседа го прочита својот тестаментален есеј „Искрата што се измолкнува“ …

     За Горан веќе говориме како за македонски Одисеј. Ама дали одисејското е дел од она што е ДНК на сиот негов род – од прадедо му Стефан до неговите потомци? Дали заради одисејското во она што е ДНК на неговиот род, а не само заради своите патешествија и преселби, Горан ја напиша „Одисеј“ – драмата за невозможното враќање? Драмата во која преку ликот Атина на сцена вели: „Итака е местото од каде што тргнуваш, но на кое не можеш да се вратиш.“ Каде беше/е Итака на Стефановски? Дури си го поставувам ова прашање, во мене одекнуваат стиховите на Горан од песната од „Одисеј“ со музика и во изведба на „Фолтин“:  „Сега нити можам / дома да си дојдам, / ниту сега можам / од дома да појдам.“ А „домот е таму каде што боли“… 

    Се чини дека во сиот свој живот, меѓу другото, Горан ги барал вистинските толкувања и интерпретации на приказните за своите предци. Оти како што велеше и самиот, а денес, ние често го цитираме:  „За да можеме да преживееме во суровиот свет, приказната мора да е точна, заснована на познавање на теренот, на длабок увид, на прецизен тлоцрт.“ Затоа што „погрешната приказна може скапо да нè чини, да нè одведе во заблуда, во ќорсокак, во смрт.“

     Таа негова потрага по толкувањата и интерпретациите на приказните, Горан не ја остваруваше само преку творечкото промислување, туку и преку истражување на фактографијата, за што сведочи и голем дел од неговата приватна архива. Во неа се дури и исечоците од дневните весници кои се однесуваат на Ербеле, а кои тој грижливо ги собирал и чувал децении нананазад. Од еден од нив и дознаваме кој е средновековниот ракопис од Ербеле, кој за Горан бил особено важен, како што споменува неговата сопруга Патриша.

     Станува збор за Орбелскиот триод – црковнословенски ракопис од втората половина на XIII век, кој на сите рамништа покажува основни карактеристики на ракописите што припаѓаат кон македонската редакција на црковнословенскиот јазик, а кој денес се чува во Националната библиотека во Санкт Петербург. Ракопис кој е еден од неколкуте од Ербеле кои се конкретно сведоштво дека селото на Стрезо и Алтана од кое се корените на Горан, порано претставувало голем црковен центар, веројатно со скрипториум. Зарем ова е случајност? Зарем и ова не е дел од Горановата и наша приказна? Од Ербеле, просторот на тој важен црковен, ама едновремено и книжевен центар во средновековна смисла се корените на најзначајниот македонски драмски автор на втората половина на XX век, оној што го напиша и велелепниот драмски текст за светите Кирил и Методиј, за преводот и сеопштото разбирање меѓу луѓето – „Огнени јазици“, кој се случи близу седум века по Орбелскиот триод… И на сцената на Драмскиот театар беше поставен во режија на Слободан Унковски – едно од многуте заеднички остварувања на драмскиот автор и режисерот кои беа/се култен двоец на македонската театарска сцена.

     „Сите, на свој начин копнееме по идеалното засолниште, по вистинското место каде ќе можеме да се пронајдеме себеси и да бидеме свои, спокојни и исполнети. Веруваме дека некогаш сме го имале тоа место, но сме го изгубиле, па затоа истрајуваме во обидот повторно да го најдеме, убедени дека ни е ветено и дека поседуваме природно право на него. За некои тоа засолниште е детството, за други првата младешка љубов, а за трети е старата земја. За Одисеј тоа беше Итака. Како што старееме, оваа немирна потрага по ултимативното место станува сè подлабока и подлабока и сè понеизвесна. Се чини дека сè е нестабилно освен таа илузија на стабилност, која како надежта никогаш не нè напушта. Човечката потреба за приказни е постојан копнеж да се доловат тие илузии. Тој копнеж е особено силен кај оние чија Итака е театарот.“

     Ова го има запишано Горан во неговите авторски белешки за драмата „Одисеј“. Го препрочитувам со размисла каде беше тоа идеално засолниште – вистинско место за Стефановски.

     Неговата архива сведочи дека потрагата по толкувањата и интерпретациите на приказните за своите предци, во 2014 година, четири години пред неговото само физичко заминување, Горан го одвела и физички во Ербеле. Заедно со неговата сопруга Патриша и со синот Игор, ама и со бројните братучеди и нивните семејства. За да се најде она што останало од темелите на куќите на Стрезо и Алтана. За да се чекори по патиштата по кои Стефан, Стрезо и Боге чекореле кога заминувале и се враќале од печалба. За да се најде она што е на нивните предци, а кое заедно со корените не можеле да го понесат со себе во скопското Дебар Маало…

     Какo што се сеќава Горановиот син Игор, си ветиле дека потрагата ќе продолжи некогаш на Преображение Христово (19 август), кога во црквата „Свето Преображение“ од XII век, која е на стотина метри од местото каде што била куќата на дедото на Горан, Стрезо, традиционално се собираат сите оние што потекнуваат од Ербеле, а се насекаде по светот. Но, за жал, Горан не успеа да отиде во Ербеле на Преображение. Барем не физички, оти со своите размисли се чини беше таму и пред првпат со семејство да го посети селото на своите корени. 

    Дали Горан ја заврши својата потрага, која се чини ја остваруваше и преку своето творештво, не знам… Меѓу другото не знам и затоа што не го заврши или барем не го дозапиша драмскиот текст кој требаше во режија на Оливер Фрљиќ, премиерно да биде изведен во Риека, во 2020 година, кога овој град беше европска престолнина на културата. Во белешките од подготовката на драмскиот проект, Стефановски и Фрљиќ ги имаат наведено и тематските кластери. Меѓу нив: љубов во времиња на егзил, насилни миграции, масовни движења, долги отсуства, човечко страдање, населување. Наведено е и: пристаништа, терминали, лиминални простори, чекалници, контролни пунктови со строги процедури, транспортни центри, тргнување и пристигнување; проверки на идентитет, карантини; обреди на премин.. Безброј ликови се појавуваат и исчезнуваат. Возможни пермутации на трагичното и фарсичното, слатка и кисела метаморфоза. Како и овде да ја има приказната за Стрезо и за родот Стрезовски, односно Стефановски, си реков кога ја прочитав белешката во која се споменуваат и шрапнели на историјата, скршени фрагменти од епска фреска и џиновска сложувалка.

     „Богата таписерија која истовремено содржи мали, човечки приватни детали и широки општествено-политички и културни зафати.“ – запишале Горан и режисерот Фрљиќ. Зарем не е така и во други драми на Горан? Дали приказните на неговите предци и неговата интерпретација за нив како код на сиот негов род ќе беа тие мали, човечки приватни детали и во овој драмски текст? Заминувањето на Стрезо и Алтана се случило во период кога се одвивал и поширок општествено-политички и културен зафат, а во такви периоди се случувале/случуваат и сите натамошни заминувања и преселби на родот Стефановски… Но, во такви периоди се случуваат и сите заминувања и преселби и на Горановите драмски ликови!

     Според концептот, оваа драма, во 2020 година требало да се игра на отворено и на сцената да има пруга, вистински возови, машиновозачи и железничари. Помислувам: дали можеби еден од тие возови ќе требаше да биде оној мал воз со кој корените на Стрезовски, а потоа Стефановски се донесени во Скопје, за потоа да растат во Дебар Маало? Дали од некој од вагоните, на сцена ќе излезеа ликовите Стрезо и Алтана или можеби ликови именувани со некои други имиња за кои Горановите дедо и баба ќе беа прототипи? И тоа на сцена во еден од градовите преку кои Стрезо се врќал од печалба во Ербеле.

     „На Горан многу му значеше што заедно со режисерот Фрљиќ го посетуваше градот Риека и што ги видел местата каде што се движел дедо му Стрезо во воените години, кога печалбарите не можеле да се вратат преку Бугарија, туку морале преку Србија, Хрватска и Албанија.“ – нагласи Патриша, сопругата на Горан, дури преку е-пошта разменуваме размисли, со материјали од Горановата архива. Затоа и помислувам: потрагата на Горан, од Ербеле продолжила по патиштата по кои Стрезо чекорел и дури патувал со желба да дојде дома…

     Во белешката за драмата која остана недовршена или барем недозапишана стои и дека подетален план ќе биде подготвен во 2018 година. Кон крајот на ноември таа година, Горан требало повторно да замине во Риека, но… Замина на друго, непланирано патување. На 27 ноември 2018 година, заминувајќи физички од овој свет, со себе го понесе и незапишаното од драмскиот текст кој требаше премиерно да се изведе во Риека. Дали можеби со него, Горан ќе ја завршеше својата потрага по толкувањата и интерпретациите на приказните за своите предци, не можеме да знаеме.

     Ама од друга страна, знам дека оваа потрага по неговите корени не е завршена. Везот дебарски на Алтана, како и тој на Султана и каменот ѕидарски на Стрезо, како и тој на Стефан, денес се на Горановата внука Калина – така напиша Горан во писмото до неа, упатено веднаш по нејзиното раѓање во 2012 година. Но, наша е обврската и да доистражиме и анализираме каде и како во неговото творештво е проткајан везот на Алтана и Султана и каде сè е вѕидан каменот ѕидарски на Стрезо и Стефан. Затоа и се случува овој текст, кој е само почеток – за со него да се споделат информациите кои ни се нужни за да ја оствариме таа обврска.

     Со продолжување со оваа потрага и остварување на обврската можеби и ќе дознаеме дел од она што е кажано од Горан, ама скриено зад текстот – не само во една од неговите пораки во „Искрата што се измолкнува“, туку и во голем дел од неговиот опус. Нешто кое било/е тетовирано на неговата душа како белег на неговото потекло и дел од неговата ДНК, ама се чини и нешто кое е и меѓугенерациски код на неговиот род, и пред него, и по него, а на кое Горан успеа да му даде универзални димензии. Можеби тогаш и ќе успееме до крај, вистински да ги разбереме неговите пораки за преселбите и корените…

     

    *

    * *

    Последните реченици од овој текст се напишани на 27 април 2023 година, кон крајот на денот кога одбележавме 71 година од раѓањето на Горан Стефановски. Во исто време дури го завршував текстов ја слушав пораката на Сабина и Сара Џелили, членки на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, во видеоматеријал објавен од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), со фрагмент од есеј на Горан преведен на албански јазик.  

     „Ние, Македонците од Албанија го чуваме споменот за големиот Горан Стефановски, не заборавајќи на неговите корени. Затоа што тие се овде, во селото Ербеле, во областа Поле, Маќелара, преку планината спроти манастирот Св. Јован Бигорски. Од тука се неговите баба Алтана и дедо Стрезо, кои се доселиле во Дебар Маало во Скопје… …Се надеваме дека во соработка со МСМЈЛК при УКИМ ќе успееме и овде достојно да се чествува делото на Стефановски, затоа што Ербеле ги памти неговите корени. А откако ќе се отвори Лекторатот по македонски јазик во Тирана, посакуваме да се случат и преводи на севкупното творештво на Горан Стефановски, кои ќе ги направат оние кои овде, на Факултетот за странски јазици ќе го учат македонскиот јазик.“

    Оваа нивна порака, по првообјавата на видеоматеријалот беше дополнителен поттик да се напише и објави овој текст и да се споделат информации кои можеби ќе ни овозможат едно ново интерпретативно рамниште во исчитувањето на творештвото на Горан Стефановски.

     Денес, оваа порака, и дополнително обврзува да продолжи потрагата по корените на Стефановски, а со нив и по приказните за потеклото и предците на Горан. Со уште низа материјали кои треба да бидат исчитани и анализирани, за потоа да се случи и уште едно од многуте потребни препрочитувања на неговото дело. Најверојатно тогаш, дел од пораките на Горан ќе умееме и до крај вистински да му ги кажеме на светот – одејќи и по патеките по кои чекореле неговите предци…

     При подготовката на овој текст се користени и материјали од приватната архива на семејството Стефановски и од монографија за Ербеле во ракопис, чиј автор е посветеникот на историјата на ова село и на семејствата кои потекнуваат од таму, Спиро Дука, братучед на Горан Стефановски од родот на неговата баба Алтана. Изразувам неизмерна благодарност до Патриша и Игор Стефановски (сопругата и синот на Горан Стефановски), како и до г. Дука, за овозможените материјали. Севкупните материјали ќе бидат опфатени со натамошното истражување со кое ќе продолжи потрагата што започнува со прашањата отворени во и меѓу редовите на текстов.          

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img