Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателите Александар Николоски и Тимчо Муцунски и пратеничката Гордана Силјановска Давкова остварија средба со Џесика Росвал, министерка за европски прашања на Кралството Шведска.
На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, и евроинтегративниот процес на Македонија.
Мицкоски го реафирмирал ставот на партијата за тоа дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, истакнувајќи дека таквиот однос на уцена од страна на Бугарија не само што ги нарушува меѓусоседските односи меѓу двете земји, туку и не претставува никаква европска вредност, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додал дека стратешки интерес за просперитетот и развојот на државата е Македонија да стане што побрзо дел од големото европско семејство, но без негирање на историјата и идентитетот.
Во однос на внатрешната политичка и економска состојба, претседателот Мицкоски ја истакна својата загриженост, бидејќи од страна на власта единствено што се прави е криминалот и корупцијата во која директно владините челници се вклучени.
На средбите со претседателот Стево Пендаровски и со министрите БОјан Маричиќ и Бујар Османи, министерката Росвал ја поздравила целосната усогласеност на Северна Македонија со надворешната политика на ЕУ и придружувањето во санкциите кон Русија. Во контекст на тоа министерката се заблагодари и за искрената поддршка која ја има Шведска за членството во НАТО од Северна Македонија, што ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на евро-атлантскиот простор.
На средбата со Пендаровски, Росвал порачала дека Македонија треба да го искористи политичкиот моментум за проширување на Европската Унија и да направи нов исчекор кон неа оти е потребно да се задржи на европскиот пат. Пендаровски изразил благодарност за доследната политичка и финансиска поддршка од кралството Шведска за македонските евроинтеграции, истакнувајќи дека пристапните преговори на Македонија со Европската Унија се од клучно значење за забрзување на реформската агенда во земјава и позитивно ќе се одрази врз стабилноста и просперитетот на регионот.