Вкупно 11.612 вработени во земјава не зеле плата во февруари и март и за тие два месеци оставиле без приходи речиси 20.000 лица, соопшти денеска Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи на брифинг со новинарите.
Фирмите се од сите сектори, а дел од нив се повторуваат. Сите фирми кои не ги исплатиле платите добиле опомена, а подоцна ќе им биде блокирана и сметката.
– Во март регистрирани се 69.156 работодавачи со 555.161 вработени. Од нив 56.073 исплатиле плата, а 5.716 работодавачи за 11.612 вработени не испратиле плата за третиот месец од годинава. За февруари пак, има 5.136 работодавачи кои не им пуштиле плата на вработените – изјави Лукаревска.
Лукаревска информира дека одделни трговски објекти уште функционираат без фискални апарати, а дел од субјектите не го пријавуваат прометот.
-Управата за јавни приходи, од почетокот на годината до денес извршила 1.522 контроли и кај 702 субјекти се констатирани неправилности во однос на неиздавањето на фискални сметки и непоседување фискален апарат. Контроли имало и кај 33 златари од Тетово, Гостивар, Кичево и Битола, а кај 18 од нив имало огромни разлики во непријавениот промет кои се движеле и до речиси 3.000 евра – информира таа.
Даночните инспектори во јануари и март ја посетиле и популарната Пластичарска улица во Скопје. Во првиот месец од 30 контролирани субјекти, кај 28 имало неправилности (не издавале фискална сметка и неводеле евиденција на прометот.
Тие добиле 15 дневна забрана за вршење дејност.
– Со ГПР системот се следи дали нивниот промет се зголемува или стагнира. Дел од нив во контролите во март ја поправија работата. Тоа значи дека од 37 контролирани субјекти во март, неправилно работење е забележано кај 25 – рече Лукаревска.
Фирми кои вршат поштенски услуги, транспортираат стоки, како и ресторани и салони за мебел, рече таа, веќе извесно време се опсервираат од страна на даночниците, бидејќи имаат многу млади управители (18 годишна возраст) или многу постари (над 75 годишна возраст).
Изминатиот период во акциски контроли, бил проверуван и јавниот здравствен сектор.
Од 10 проверени клиники во комплексот „Мајка Тереза“, дури 4 од нив не издавале фискални сметки. Се проверило и работењето на поликлиниките во рамки на Здравствен дом – Скопје и таму од 13 контроли, било заклучено дека пациентите во 4 поликлиники не добиле фискални сметки.
-Беа проверувани и 16 приватни здравствени установи во Гостивар, а кај две имаше неправилности – соопшти Лукаревска.