Од извори блиски на Владата дознаваме дека на нејзината вчерашна седница биле номинирани, „поминати“ во дипломатски жаргон, петнаесетина кандидати за амбасадори. Првичната анализа, гледајќи ја листата која треба да е сѐ уште затворена за јавноста, а протекла на повеќе места, кажува дека пристапот на Владата е сѐ помалку критичен, а се повеќе пазарно ориентиран.
Ова се вели во реакцијата на Македонскиот дипломатски сидникат, озаглавена како „Кога бродот тоне, се знае кој прв бега“ и потпишана од амбасадорот Зоран Дабиќ.
Дипломатијата, барем според Владата останува „машка работа“. Речиси сите кандидати за амбасадори се мажи. Ништо од толку прокламираната родова рамноправност.
– Во „шарената дружина“, составена од професионални дипломати и политички назначувања, по кој знае кој пат имаме кандидат кој не говори ниту еден странски јазик, освен српскиот, со надеж дека за таму каде што е упатен нема да му треба друг. Еднаш избран кандидат за поранешниот ни главен град се преупатува на друга дестинација – дали истата ќе биде и последна? Номиниран е и кандидат што на социјалните мрежи, како директор на важна државна институција, покажал недостаток на одмереност и кавгаџиски однос кон соговорниците – се вели во реакцијата.
– Од „професионалните“ дипломати, номинирана е кандидатка за престолнината на Брегзит, една од малкуте жени, а можеби и единствена номинација, која во јавноста е запаметена по штиклите во кал и приватно возење со хеликоптер на АРМ, како и по тоа што била галениче на поранешна министерка за одбрана. Внатре во МНР, таа, пак, ќе остане запаметена од колегите по емотивните изблици уште во првата недела по враќањето во МНР на висока функција во чувствителен сектор и масовно напуштање на вработените од нејзиниот директорат.
– Тука се и еден вечен конзуларец, инаку вујко на долгогодишен министер во клучен ресор во екот на финансиската криза, без никакво искуство во политички работи, кој една деценија се заборави во странство по конзулати; еден анонимен дипломат од средно-ниско ниво, сопартиец на министерот, кој за награда што прифатил да биде член на Работната група за менување на Уставот за возврат е номиниран за амбасадор во „тешка“ држава каде што односите помеѓу најортодоксните христијани и муслимани се со децении супер затегнати; како и еден кандидат што целата своја кариера ја има посветена на ЕУ, но е изненадувачки номиниран за една скандинавска држава, како очигледна компензација за тоа што партиски кадар на ДУИ му го „зел“ местото и е веќе упатен во македонската Мисија при ЕУ во Брисел.
– Ваквата итна „евакуација“ на најблиските соработници на господинот Османи упатува на заклучок дека бродот на Османи полека почнува да се полни со вода, а времето на мирна пловидба истекува. Првите појаси за спасување се фрлени – се вели во реакцијата потпишана од амбасадорот Дабиќ.