Деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, денеска упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски до нив да го достави Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека тие, како претставници на граѓаните, бараат во најкус можен рок да им биде доставен Договорот и оти тоа го засноиваат врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата. Премиерот Ковачевски, кажа тој, потврди дека овој договор има одреден степен на доверливост.
– Во договорот има штетни клаузули коишто прават буџетски штети, а се во корист на приватната фирма, особено после лиферувањето на делови од овој договор дека Владата се обврзала да ја продолжи работната недела од 40 на 60 работни часа, што е спротивно на Законот за работни односи и е спротивно на одлуката на Уставниот суд која што би требало да е конечна. Ваквото продолжување во самиот законодавен дом би значело прекршување на одлуката на Уставниот суд што е кривично дело – рече Милошоски.
Кога станува збор за буџетските трошења, според него Договорот треба да биде јавно достапен за јавноста и таа да биде сигурна дека овој проект е од јавен интерес, а не од интерес на поединци, кои би имале одреден процент или провизија.
Милошоски рече заедно со барањето до премиерот се испратени и сериските броеви на нивните безбедносни сертификати за да може да го добијат Договорот.
– Не сакаме во Собранието да играме мачка во вреќа односно да гласаат за измена на закони кои се однесуваат на Договорот, а Договорот да се држи во тајност, рече пратеникот Милошоски, додавајќи дека за измена на осум закони потребно е пратениците да го знаат самиот договор.
Пратеникот рече дека доколку премиерот не го доставува договорот до јавноста и медиумите, тогаш нека го достави до пратениците со безбедносни сертификати.
– Да видиме дали државата е потчинета. Сакаме да видиме исто така кој суд е надлежен во случај на спор помеѓу двете страни, кои цени се утврдени за градежните материјали и дали сите цени се утврдени или некаде се оставени отворени. Накратко, граѓаните и пратениците имаат право да знаат како се трошат даночните средства од државниот буџет – вели Милошоски.
Доколку не го добијат Договорот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе продолжат со притисоци до Владата, но исто така и дека е сигурен дека Договорот нема да остане уште долго време во тајност „зашто има и совесни административци кои се обидуваат на одреден начин да објавуваат дел од овој договор“.
– Мислам дека можно е тој тренд да продолжи – смета Милошоски.
Прашан за тоа кога ќе почнат со работа комисиите чии претстедатели се од ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот рече дека нивен план е тоа да биде по добивањето на Договорот, но исто така рече и дека планот им е долго да говорат на седниците најавувајќи бројни амандмани.