Мерката за замрзнување на цените на зеленчукот и овошјето се покажа како целосно неуспешна – оценува Павле Гацов, даночен експерт, економист и поранешен владин советник во објава на својата страница на Фејсбук.
Тој предлага неколку мерки кои владата треба да ги спроведе, за како што вели, државата да си го спаси образот, и да ги избегне празните рафтови и цените кои никој не ги почитува.
Натаму, тој наведува дека има неколку можни разрешници на оваа ситуација:
„Прва: Укинување на мерката (попаметно) и влегување во неколкудневни контроли кај сите непочитувачи, вклучувајќи контрола за сопствениците и нивните роднини (од имот дома и во странство, до автомобили нивни и на роднини, приходи по сите основи, сите залихи да се линкуваат со увозните декларации, наназад 5 години споредено со ценовници на добавувачите од странство преку соработка со тамошните даночни органи, издавањето на фискални сметки, годишни сметки и даночни биланси, годишни даночни пријави, дали трошеле бенифицирана струја, … итн, итн.)
Второ: Инсистирање на целосно спроведување на мерката. Преземање на ригорозна и робусна акција за спроведување на мерката, што ќе биде запамтена од сите учесници како показна вежба за непочитувачите.
Трето: Одмолчување. По празниците и после 1. Мај и така зеленчукот и овошјето ќе поефтинат. Мерката била одвишна, погрешна и непотребна. Panta rei….
Факти:
Низ маркетите, „замрзнати“ зеленчуци и овошја нема. Не се почитува одредбата за задолжителна набавка на 70% од набавките во март 2023 година. Во помалите дуќани се нуди патлиџан и краставица под рака само за редовни муштерии, по повисоки цени и без фискална… наводно, била набавени многу поскапо, не можеле да се продаваат на фискална, а не биле и примени на залиха…
На зелените пазари пак друга приказна, цените на овие зеленчуци и овошја отидоа „у васиона“ и се многу повисоки од замрзнатите цени.
Државата треба да си го спасува образот!“, пишува Гацов.